Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска оствари средба со новиот евроамбасадор, Михалис Рокас, соопштија од Министерството.

На средбата, министерот Љутков потенцираше дека соработката со ЕУ e еден од најважните приоритети на Владата и на Министерството за култура и туризам. Тој истакна дека Македонија вложува значителни напори во развојот на културниот и туристичкиот потенцијал на земјава, особено на заштитата на културното наследство, при што поддршката од ЕУ во овој процес е од клучна важност за понатамошниот раст на економијата и за меѓународна промоција на земјава.

Во тој контекст, соговорниците разменија и мислења и ставови за унапредување на соработката во областа на културата и туризмот, а разговараа и за можностите за натамошно зацврстување на партнерството со ЕУ во овие два клучни сектори.

На средбата стана збор и за начините и можностите за искористување на европските фондови за финансирање проекти кои ќе ги подобрат културните и туристичките капацитети на земјава преку разни инцијативи во овие области.

Амбасадорот Рокас нагласи дека соработката и помошта во реализацијата на проектите, како што се реконструкцијата на Шалтер-салата на Поштата која треба да прерасне во мултифункционален центар и манифестацијата „Скопје – европска престолнина на културата за 2028 година“, ќе придонесат за дополнително зацврстување на односите меѓу Македонија и Европската Унија.

На крајот, министерот Љутков му посака успешна дипломатска мисија на евроамбасадорот Рокас и изрази очекување дека за време на неговиот мандат, пријателските односи и соработката во областа на културата и туризмот со Европската Унија ќе продолжат да се засилуваат и да се продлабочуваат со уште понагласена динамика.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.