Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и претставници на Синдикатот на  културата на Република Македонија (СКРМ) се договориле да се формира нова комисија за обновување на Колективниот договор за култура и негово подобрување во однос на одредбите кои предизвикуваат забуни или можност за различно толкување.

СКРМ информираше дека на денешниот состанок со министерката Костадиновска Стојчевска присустувал и советникот во Владата Милан Живковиќ.

Министерката ја искажа својата силна поддршка за правата на вработените во инситуциите од културата и истакна дека проблемот со неисплатените плати поради „недела неработен ден“ ќе биде надминат уште во текот на денот, а кај оние институции каде што е исплатена плата, ќе бидат извршени дополнителни корекции и работењето во недела ќе биде исплатено согласно Законот за работни односи. Беше договорена поголема соработка меѓу синдикатот и министерството, при што од страна на Министерката беше потенцирана нејзината подготовеност за почеста директна комуникација, велат од СКРМ.

Договорена е и отворена средба со членовите на СКРМ, која ќе се одржи во 10 часот во петок, 25 февруари во Националната опера и балет.

На состанокот биле разгледани проблемите со неспроведување на заклучоците на Комисијата за следење на примената и толкување на Колективниот договор, како и прекршувањата на Колективниот договор од страна на службите во Министерствиото за култура и одредени директори, кои директно ги поткопуваат социјалните политики на Владата и правата на вработените во културата.

Синдикатот алрамираше и за неквалификуваните директори и за членовите на Управните одбори кои не ги исполнуваат законските критериуми.
Од страна на Министерката Костадиновска Стојчевска и советникот во Владата Милан Живковиќ, добивме уверување дека во институциите од културата ќе биде извршено покачување на платите согласно Колективниот договор за култура и Законот за минимална плата. Во оваа прилика сакаме да ги повикаме сите политички субјекти во државата да бидат свесни за финансиските последици од глобалната инфлација и да бидат конструктивни во што поскоро усвојување на Законот за минимална плата како основа за спирално покачување на сите плати во државата и подигнување на животниот стандард на граѓаните, велат од СКРМ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.