Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска ќе се обрати на свеченото отворање на 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Летната школа оваа година се одржува под мотото „Македонистички гордорек“ во Охрид и ќе трае до 29 август. Ќе учествуваат 65 македонисти од 17 земји.
Освен министерката Јаневска, на Летната школа денеска најавено е и обраќање на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Кристина Николовска.
Потоа ќе следува музички настап на проф. д-р Драган Даутовски, кој ќе свири на окарина, древен иструмент од пред 7000 години, а проф. д-р Андријана Јаневска ќе настапи со вокална изведба, по што ќе следува промоција на Зборникот-Предавања од 56. Летна школа.
За првпат годинава, на свеченото отворање ќе бидат доделени награди „Воздејства“ во знак на признание за исклучителни дејности, долготрајни и повеќедецениски постигнување и придонес во научно-истражувачката и културната афирмација во областа на македонистиката.
Наградите ќе им бидат доделени на истакнатиот македонист, академик Виктор Фридман од САД и проф. д-р Максим Каранфиловски, долгогодишен директор на Семинарот. На отворањето ќе бидат доделени и благодарници „Синергии“ во знак на признание за посебен придонес во поддршка на афирмација на македонистиката, на Општина Охрид, АД Алкалоид-Скопје, АКУД Мирче Ацев, Кирил Пецаков, градоначалник на Општина Охрид, Перчо Божиновски заменик градоначалник на Општина Охрид, Живко Мукаетов, директор на АД Алкалоид-Скопје и Благоја Јованоски, директор на АКУД Мирче Ацев.
На Летната школа македонистите од Албанија, Бугарија, Италија, Јапонија, Кина, Полска, Р. Кореја, Романија, Руска Федерација, САД, Словенија, Србија, Турција, Украина, Унгарија, Хрватска и Чешка Република, ќе ги изучуваат македонскиот јазик, литература и култура, а 81 учесник ќе ја развиваат македонистиката како наука.
На програмата се културни настани, промоции, средби со писатели, а ќе се одржува и курс по македонски народни ора. Од преведувачката работилница на која ќе препејуваат семинаристите, се планира публикување на два зборника: Зборник „Гане Тодоровски на недорек јазици“ (95 песни по повод 95 години од раѓањето на великанот) и зборник „Петре М. Андреевски – на река од јазици“ (90 песни по повод 90 години од раѓањето на великанот. Зборнците ќе сдоржат и две „Песнарки“ со „Кажувачки“ наречени: „Рекоа за Ганета“ и „Рекоа за Петрета“, со сеќавања од познати современици, македонисти, научници, писатели, културни дејци, критичари и јавни личности.
Летната школа се организира со поддршка од ректорката на УКИМ проф. д-р Биљана Ангелова и Ректоратот на УКИМ. Главен финансиски поддржувач на манифестацијата е Министерството за култура и туризам, а дел од програмските активности ќе се реализирааат и со поддршка од Општина Охрид, и со други поддржувачи.
Македонистичкиот гордорек е градиозна мисија, со далекусежна визија, но и наш свет завет – македонистиката како наука да ја возвишиме на повисоко преку светска афирмација и третман на македонистиката како врвен национален интерес. Имаме прекрасна древна традиција, развиена наука и раскошна уметност, кои се прекрасно лице на нашата култура. Македонската култура е прекрасен изворник на врвни и драгоцени цивилизациските продобивки како што се: писменоста, просветата, науката, културата и уметноста, истакна директорката на Меѓународниот семинар проф. д-р Кристина Николовска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.