Јас сум прв пат во Охрид, поаѓам  од сосема поинаков агол. Се надевам денеска ќе имам можност повеќе да го разгледам градот, бидејќи вчера имавме проба и нема можност за прошетка, рече актерот Милан Мариќ, кој игра во претставата „Алиса во земјата на стравовите“ и вечерва на Античкиот театар во Охрид ќе го затвори 64. издание на „Охридско лето“.

Многу сум среќен што слушнав дека толку голем број уметници поминале оваа година во Охрид, колку многу претстави и концерти токму во време кога уметноста веќе не ја игра главната улога, бидејќи ова време не сака такви луѓе. Уметноста просто слепо верува во идеали и неверојатна слобода, а нашето време не сака такви луѓе. Сака луѓе без кичма, лицемери итн…но театарот преживеал и полоши времиња, ќе го преживее и ова, рече Мариќ.

Во поглед на претставата која ќе ја одиграат денеска рече дека има посебен однос кон претставата бидејќи ангажманот да работи на претставата се поклопил со некоја негови лична одисеја, негова трансформација, преживување на некои лични нешта во животот, отворање на некои негови стравови за кои дотогаш не бил свесен дека се тука.

Кога размислувам за оваа претстава никогаш немам јасен однос затоа што ме враќа на тој период. Таа е претстава за стравовите, за чекањето, за времето кое страшно брзо поминува и не меле сите нас, но сите сме се согласиле на тоа, за препознавањето и за борбата да го преживееме. Всушност приказната е универзална, тоа е приказна за секој од нас и се надевам дека ќе успееме да ја пренесеме вечерва приказната, рече Мариќ. Античкиот театар е спектакл сам по себе, немам податок колку е стар, но таму има се, има магија. Синоќа на пробата одеднаш се појави Полна Месечина кога ја пробувавме љубовната сцена и веднаш добивате некое повисоко ниво, а тоа во театар не може да го доживеете, заврши актерот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.