Деновиве, во издание на Книгоиздателството „Ми-Ан“ се појави новата стихозбирка на Даниела Андоновска-Трајковска со наслов „Пеш по воздушна линија“. Изданието доаѓа по успехот на нејзината претходна книга „Математичка поезија“ која побуди голем интерес кај љубителите на поезијата и ја доби наградата „Ацо Шопов“ на ДПМ за најдобра книга поезија. Она што го прави новото дело на Андоновска-Трајковска посебно е нејзината суптилна игра како со зборовите, така и со нивното значење, давањето личен печат и толкување на поимите што нè опкружуваат, а со тоа и еден нов пристап и ново читање на темите што неа ја окупираат.
Книгата „Пеш по воздушна линија“ од Даниела Андоновска-Трајковска е компилација од седум циклуси кои секој за себе се истакнуваат со својата посебност, а сите заедно – со својата компактност. Шеесетина поетски творби блескаат како вгравирани уметнички дела изложени во рамките на циклусите „Чекори во стакло“, „Дезинфицирани далечини“, „Прекасан јазик“, „Опстанок“, „Црвена вода“, „Хаику“ и „Минијатури“.
Стихозбирката „Пеш по воздушна линија“ на лирски начин ја прикажува индивидуата во условите што ни ги донесе новата реалност, пандемијата со КОВИД-19, каде секој од над се соочи со нови предизвици, со таканареченото „ново нормално“, при што спознавањето на своето Јас е ставено во прв план.
Во својата рецензија за стихозбирката, професорката Весна Мундишевска-Велјановска ќе каже: Истакнувајќи ги одличјата на изразената спротивност на невидливото и впечатливото, се потенцираат условите во кои тие кохезираат и се преклопуваат во артикулацијата на сонуваното време кое живее „среде стожерот околу кој се вртиме деноноќно/ за да има крв во годовите и леб во годините/ кога надвор од кругот излегуваме“ („Прекасан јазик“). Разновидноста на начинот на гравирање на овие илустрации на модерното (со)бидување кога „сѐ потешко станува патувањето во сопственото тело“, тектонски ги поместуваат брановите возбуда од вообличувањето на естетската рецепција на Андоновска-Трајковска во разноврсни репродукции на едно време кое го одвртува својот молк „за да ја разбуди вечноста што спие во нас“ („Време“).
Андоновска-Трајковска со својот препознатлив стил ја следи нашата реалност и со помош на за неа задолжителните симболи и метафори од стих во стих нè води низ нејзината приказна, но водено и ни дава можност самите да бидеме дел од нејзината креација, нудејќи ни можност тоа лично преиспитување да го осознаеме и како наше, да ја почувствуваме нејзината приказна преку нашата кожа и да станеме нејзин соговорник, нејзин сочувствувач, да ги откриваме нејзините кодови и преку нејзините зборови да создаваме сопствени значења и смисли.
Даниела Андоновска-Трајковска е поет, прозаист, книжевен критичар, доктор на науки по педагогија во областа на методиките и редовен професор по методика на Педагошкиот факултет – Битола, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола. Член е на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), на Славјанската литературна и уметничка академија со седиште во Варна и на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ (БКК). Член е и на Македонското научно друштво (МНД) – Битола, каде во два мандати била претседател на Уредувачкиот совет. Сега е дел од управниот одбор на Друштвото како претставник од одделението за лингвистика и литература. Главен уредник е на списанијата „Раст“ (Битолски книжевен круг) и „Современи дијалози“ (Македонско научно друштво-Битола, на циклусот поетски збирки со наслов „Збор во зборот“ и на неколку монографии. Поезијата ѝ е преведена на повеќе светски јазици и е објавена во реномирани книжевни списанија во земјата и странство.
Добитник е на меѓународната награда Носиде, Италија за поезија (2011), наградата од Друштвото на писатели на Македонија за најдобра необјавена песна на Празник на липите (2018), наградата „Крсте Чачански“ за проза, националната награда Караманов 2019 за поезија (за „Електронска крв“), на наградата Македонска книжевна авангарда што ја доделува Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација Македонија презент од Скопје (2020) за книгата „Куќа на контрасти“, Abduvali Qutbiddin што ја доделува книжевното списание „Book World“ од Узбекистан во 2020 година, како и на „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга објавена во 2020 што го доделува Друштвото на писатели на Македонија за поетската книга „Математичка поезија“.
Авторка е на стихозбирките „Збор за зборот“ (со Златко Жоглев и Гордана Стојаноска, Скопје: Матица, 2014); „Поема за маргините“ (со Гордана Стојаноска, Битола: Македонско научно друштво, 2015), „Црна точка“ (Битола: Друштво на писатели Битолски книжевен круг, 2017), „Стапалки“ (Битола: Македонско научно друштво, 2017), „Три“ (Скопје: Современост, 2019), „Куќа на контрасти“ (Скопје: Матица, 2019), „Електронска крв“ (Радовиш: Центар за култура „Ацо Караманов“, 2019), „Математичка поезија“ (Скопје: Центар за култура и културолошки студии, 2020), како и на збирката раскази „ Кафе, чај и црвено небо“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.