Утревечер со почеток во 20.00 ч. во Свечената сала на Офицерски дом на свеченото отворање на изложбата „Македонски и канадски графичари 7х7“. Изложбата е настаната како плод на соработката на двајцата куратори, Дерек Мајкл Бесант и Владо Ѓорески, па се прошири на седум македонски плус седум канадски графичари, . Почетната иницијатива брзо се прошири, наидувајќи на огромна страст за поврзување, така наместо 7+7 уметници, добивме 7х7 учесници како симбол на нашето поврзување бидејќи бројот на уметници кои ќе ги допре овој заеднички проект е многу поголем од 14, 20 или 49. Тука се додаваат и умножуваат и професорите и студентите на катедрите за графика од Факултетите за ликовна уметност од Скопје, Халифакс, Монтреал, Троа Ривиер, Алберта, Едмонтон и Келона, а да не ги заборавиме и организаторите и учесниците на Mеѓународното графичко триенале во Битола и Mеѓународно биенале за современa графика во Троа Ривиер.

„Не би можела, а да не го спомнам и значењето на Културен и информативен центар КИЦ Битола со нашиот препознатлив „Офицерски“, како цврст и добро проектиран континуитет и како институција која остава печат врз мапата и агендата на истакнати и признати ликовни, галериски и културни центри во светот. Оваа изложба е нашиот влог не само во институционални рамки туку најмногу како целосен и неизбришлив тестамент за иднината во која светлината на човечкото создавање единствено ќе се доближи до sвездената вечност во која и низ која единствено може да опстане нашата средина, подалеку од сите деструкции, апсурди, назадувања и безидејни себеуништувања“, пишува во воведот директорот на ЈОУ КИЦ Битола, д-р Лили Бошевска.

Изложбата свое претставување ќе има во Канада, како дел од меѓународната соработка. Проектот е поддржан од Министерство за култура, како дел од националната програма за култура во 2023 и Општина Битола.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.