Денеска, како дел од интердисциплинарната програма во Музејот на современата уметност – Скопје, од 10-17 часот, ќе се одржи голем Меѓународен симпозиум насловен „,ЗЕМЈАТА КОЈА СЕ ПРОМИСЛУВА ПОСТОЈАНО – КРЕАТИВЕН ГЕОФИЛОЗОФСКИ ПАТОПИС“.
Преку комбинирање на научен и уметнички пристап, излагачите ќе ги преиспитаат комплексните релации и траектории на земјиниот систем, како и која е УЛОГАТА НА УМЕТНОСТА во насока на создавање модели на перцепција, кои информираат, спознаваат и откриваат делови и состојби од земјата, кои за многумина се невидливи, менувајќи ги спознанијата за неа и за нејзиниот опстанок.
Оттаму, соочувајќи се со актуелните еколошки кризи и егзистенцијални закани, произлегува неопходноста за уметност, која треба да биде нашиот инструмент за опстанок и преиспитување, или за една нова „филозофија на земјата“.
Меѓу повеќето учесници на овој симпозиум се и Тошија Уено, професор на Катедрата за транскултурни студии на Универзитетот „Вако“ во Токио, Јапонија, Алекс Таек-Гванг Ли, професор на Универзитетот „Кјунг Хи“ во Јужна Кореа, Кристина Коскентола, визуелна уметница од Финска, Рик Долфијн, универзитетски професор од Утрехт, Холандија, Ирена Чаврилска, универзитетска професорка од Гдањск, Полска, Тихомир Топузовски, в.д. директор на МСУ – Скопје и други.
Во рамки на симпозиумот предвидени се и студентски презентации од Универзитетот Утрехт во Холандија, и Факулетот за ликовни уметности од Скопје.
Преку реализација на овoj меѓународен симпозиум, МСУ – Скопје, преземa важна институционална улога во воспоставување соработки со универзитети, музеи и уметнички центри и во промовирање серија важни нови интердисциплинарни пристапи кон актуелните предизвици денес“, вели Тихомир Топузовски, в.д. директор на МСУ.
Целта е проектот да создаде услови за квалитативна размена на знаења, соработки и ангажирана уметничка продукција, како суштински средства за генерирање ангажиран однос кон климатските промени и еколошките предизвици.
Целната група на симпозиумот се новите генерации уметници, експерти, истражувачи, студенти, активисти и членови на невладини организации ширум земјава.
Влезот за еднодневниот симпозиум е слободен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.