Повеќе од 300 студенти на додипломски и постдипломски студии и докторанди по македонистика во 20 центри во светот го учат македонскиот јазик и култура и се најголемите амбасадори за негова промоција. Дел од нив деновиве во Охрид ги усовршуваат своите знаења и вештини на 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) во организација на универзитетот „Свети Кирил и Методиј” од Скопје.

Изучувањето на македонскиот јазик на 10 универзитети и на уште толку лекторати во светот и големиот број студенти и лектори, според директорката на Меѓународниот семинар, професор Весна Мојсова-Чепишевска, покажува дека има зголемен интерес за македонистиката.

Педесет и петтата Летна школа докажува дека ние континуирано работиме и ја шириме македонистиката низ светот и учесниците со сето искуство и знаење стекнато оттука продолжуваат да ја шират таа македонистика во своите центри и во своите земји. Затоа велиме дека семинаристите се најголемите амбасадори“, вели професорката.

Присуството на семинарот на 60 учесници од 17 земји во светот, за ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, е показател дека расте интересот за Летната школа, но и за македонскиот јазик, литература и култура. Покрај учесници од земјите каде има македонистика, како Франција, Унгарија, Полска, Чешка…, има учесници и од земји, кои во иднина може да станат универзитетски центри и во нив да се изучува македонскиот јазик, литература и култура, како Австрија, Германија и Италија. Присуството на учесници од САД и Јужна Кореја, пак, според него, покажува дека се враќа интересот за изучување на македонскиот јазик и таму.

Оваа Летна школа како една од многуте активности на МСМЈЛК е исклучително значајна не само за македонскиот јазик, литература и култура, туку и за нашата држава воопшто, затоа што токму на оваа школа се калат нашите најголеми поддржувачи и културни амбасадори во светот, странските македонисти. Чекориме исправено по стапките на Конески. И колку се посилни нападите, колку се пониски навредите упатени на адреса на македонскиот јазик, литература и култура, толку сме поисправени како високообразовна и научна институција, која ги негува и развива македонскиот јазик, литература и култура и образова кадри на македонски јазик“, нагласи Јанкуловски.

Без учебник нема образование

Македонистите во странство, но и оние што сакаат да го изучуваат македонскиот јазик на повеќе нивоа, во иднина тоа ќе можат да го прават со новите изданија на учебници по македонски јазик за странци, кои покрај во ПДФ-формат од неодамна ги има и во аудиоверзија на страницата на Летната школа на УКИМ. Тоа ќе им овозможи на странските слависти и македонисти, покрај што ќе ја прочитаат, и да ја слушнат македонската реч, за усовршување на спецификите на македонскиот јазик.

Годинашните учесници на семинарот први имаат можност да учат од трите нови учебници, кои неодамна излегоа од печат, а се надоврзуваат на тие од 2019 година. „Тешкото” за почетно, „Лозје” за средно рамниште и „Везилка” за напредно образование, односно учебник за македонска литература и култура.

Тоа се учебници, кои го следат трендот на новото, естетското, убавото и привлечното за окото, а секако истовремено се поставени како ПДФ и како аудиоверзија, за да може да се слушаат на страницата на УКИМ во делот на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, а таму стојат и претходните, постарите учебници за изучување на македонскиот јазик како странски, појасни Мојсова-Чепишевска, нагласувајќи дека меѓу нив е и граматиката на Блаже Конески, без која не можат да учат.

Учебникот, нагласи таа, е стожерот на образованието и без него нема образование, а таква идеја за учебникарство имал и Џинот, кој го создал првиот буквар „Таблица прваја”.

Без учебник нема образование. Учебникот е стожерникот во образованието. Таква идеја за учебникарство имал и големиот Јордан Хаџи Константинов-Џинот. Неговата „Таблица прваја”, првиот буквар, покажува колку тој имал сенс како учител дека на тие деца им треба учебник. Учебници по македонски јазик имало и ќе има“, подвлече директорката на Летната школа и авторка на „Везилка”.

Професорката Гордана Алексова, авторка на „Лозје”, појасни дека учебникот е изготвен според стандардите на заедничката европска рамка за јазиците, според која, изучувањето странски јазик се спроведува главно на три рамништа: почетно, средно и напреднато.

Учебникот „Лозје” излезе од печат со своето второ и дополнето издание и деновиве на 55. Летна школа по МЈЛК ја доживеа својата прва средба со корисниците. Овој учебник е изготвен во согласност со стандардите на заедничката европска рамка за јазиците и ги задоволува потребите на рамништата Б1 и Б2. Се користи и во работата на лекторатите по македонски јазик во странство и на центрите за македонски јазик на разни универзитети во светот“, информира Алексова.

Бесмислени се тврдењата на Бугарија дека македонскиот јазик е дијалект од бугарскиот

Негирањето на македонскиот јазик од страна на Бугарија и тврдењата дека тој е дијалект на бугарскиот, македонистите, учесници на семинарот, сметаат дека е бесмислено и политичко.

Непризнавањето на македонскиот јазик од страна на Бугарија и тврдењето дека е дијалект на бугарскиот за мене е нонсенс. Македонскиот јазик во 1945 г. е кодифициран и оттогаш официјално се води како посебен јазик и нема што да се оспори“, смета Ана Марија Цинега-Панзова, преведувач од унгарски на македонски и обратно.

Таа вели дека преку преводите помага во пренесување на културните вредности. Минатата година, во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, превела збирка текстови за поголема афирмација на македонскиот јазик.

Блаже Конески во тие статии многу јасно и стручно ги образложува сите разлики дека целиот спор е нонсенс. Преводот на збирката беше мојот придонес лани за македонскиот јазик, вели Цинега-Панзова.

Револт кон бугарските тврдења искажа и професорката по хрватски, српски и македонски јазик и литература и учителка по словенечки за македонската дијаспора Соња Доужан од Словенија.

Тврдењата на Бугарија ги оценувам како многу подли. Како може некој друг од страна да дојде и да каже дека луѓето тука зборуваат некој друг јазик. Македонците ако велат дека зборуваат македонски, што има Бугарите да кажуваат дека тоа не е македонски. Јас апсолутно ги поддржувам Македонците. Го познавам и бугарскиот јазик и можам да тврдам лично дека тоа апсолутно не е ист јазик. Се разликува многу и граматички и лексички, не знам од каде воопшто идеја дека тоа би можело да биде ист јазик. Апсолутно тврдењата на Бугарија се базирани само на политика, истакна Доужан.

За директорката на школата, тврдењата на Бугарите не значат ништо.

Јас сум македонист, јас знам од каде произлегол мојот јазик и знам дека тој се зборувал векови наназад и дека имал своја литература и одредена култура којашто се развивала и во 19 век, подвлече Мојсова-Чепишевска.

Сите јазици произлегуваат од некој претходен, нашиот од прасловенскиот

Сите јазици, како што вели професорката Мојсова-Чепишевска, произлегуваат од некој друг претходен јазик.

Сите ние како словенски јазици сме произлегле од прасловенскиот. Тој не е старобугарски, тој не е ни старомакедонски. Тој во основата ги има денешните јужномакедонски говори, кои се наоѓаат во егејскиот дел, односно Северна Грција, и тоа е факт и никој не го оспорува. Беспредметно е некој да ми кажува дека мојот јазик произлегол или е дијалект од бугарскиот. Јас воопшто тоа не го перципирам, затоа што знам која е разликата. Некои од странските македонисти го изучуваат и бугарскиот јазик и тие најмногу ја сфаќаат разликата, посочува Мојсова-Чепишевска.

Таа смета дека не треба да влегуваме во непотребни полемики, бидејќи полемиките создаваат повеќе страст, жестокост и нервоза, а не се постигнува многу.

Сите ние треба да дадеме придонес таму каде што сме најјаки. Не може да оспори некој дека македонската литература не постои, исто како што не може да каже дека македонската литература можат лесно да ја читаат Бугарите и обратно дека Македонците може лесно да ја читаат бугарската литература. Можеби јазиците во 19 век биле поблиски, ама сега во 21 век тоа не е така. Зошто ни се потребни преведувачи, за да можеме вистински да се разбереме, а не да се изгубиме во преводот, како што многупати знаеме. Тука ја гледам таа перспектива, да работиме. Еве ќе направиме учебници по македонски јазик, зошто никој не сака од Бугарија да ги прочита да направи критички осврт на тие учебници, што нему му пречи. Тогаш ќе докаже вака или онака, нагласува професорката и директор на Летната школа.

Национална стратегија за зачувување на македонскиот јазик

За зачувување на македонскиот јазик, потребно е да се направи национална стратегија, смета директорката на Летната школа на МСМЈЛК, Весна Мојсова-Чепишевска. Во таа стратегија, според неа, потребно е да влезе отворањето лекторат во Тирана. Таа потсети дека работат на отворање лекторат во Анкара, каде веќе има Катедра за македонски јазик, а се работи и на отворање лекторат по македонски јазик и во Пекинг на еден од најголемите универзитети во Азија за изучување мали странски јазици. Зголемен е интересот за изучување македонски јазик и во Грција, од каде на Летната школа има двајца учесници со македонско потекло и една Гркинка од Атина, која сака да истражува етнолошки во Македонија за што ѝ треба повеќе да го запознае јазикот.

Следната година Лекторатот по македонски јазик во Франција ќе слави 50-годишен јубилеј, а година потоа половина век од постоењето ќе слави и Лекторатот во Букурешт.

Сите тие прават многу. Анамета Собијоту во Љубљана прослави 60 години македонистика и таа зборуваше за целокупната традиција на таа македонистика од 60 години на Љубљанскиот универзитет. Иако почнала во времето на поранешна Југославија, не престанала кога сме се одвоиле и сега е дел од земја која е членка на Европската Унија“, додава Мојсова-Чепишевска.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.