По објавениот Оглас на Министерството за култура, за распределба на капиталните дотации во областа на културата, посебно формирана комисија ги разгледа пристигнатите проекти и врз основа на критериумите, процедурите и роковите, од вкупно 13 пристигнати проекти од 11 општини, средства беа доделени за 9 проекти, за чија реализација се распределени околу 40 милиони денари, соопштија од Министерството.
Така, Маврово и Ростуше во с. Тресонче и Општина Кривогаштани ќе добијат мултифункционални културни центри, Културниот центар во Валандово ќе се санира, а со тоа се обезбедуваат современи услови за работа, инвестираме и во сценската инфраструктура на Крушево како важен културен, историски и туристички центар, како и во живописното Кратово, град кој е сѐ поатрактивна туристичка и културна дестинација. Започнуваме проекти за реконструкција и адаптација на зградата на Центар за култура Крива Паланка, како и за почеток на изградба на дом на култура во Општина Чашка. Продолжуваме со реконструкција на Спомен-домот „АСНОМ“ во Делчево, како и со изградбата на Домот на културата во с. Куклиш, Струмица“, изјави министерката за култура Бисера Костадновска Стојчевска.
На состанокот на кој присуствуваа и дел од градоначалниците на единиците на локалната самоуправа беа споделени информации за одобрените проекти за поддршка на локалните заедници. Притоа Костадиновска-Стојчевска ја истакна важноста на заложбите меѓу државната и централната власт во остварување на заедничките цели.
Според Костадиновска-Стојчевска, капиталните инвестиции им овозможуваат на единиците на локалната самоуправа да реализираат многубројни проекти кои ќе ја збогатат нивната културната понуда. Со нив се предвидува изработка на проектно-техничка документација за изградба на објекти, реконструкција, ревитализација и санација на центри за култура, музејско-изложбени простори, адаптации на простори за културни и за други манифестации, осмислување летни сцени.
Присутните градоначалници од општините кои добија капитални дотации во Програмата за оваа година, се заблагодарија на Министерството за култура и на Владата на Македонија кои, како што рекоа го препознаа квалитетот на понудените проекти, и ја истакнаа важноста од потребата за рамноправен развој и инвестирање во сите општини како и во најмалите рурални средини.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.