По повод 30 години од физичкото заминување на Блаже Конески, книгоиздавателството „Матица македонска“ ја објави книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски. Книгата претставува ново исчитување на книжевното дело на великанот, при што во неа се отвораат прашања и се изнесуваат согледби и заклучоци и за некои помалку анализирани, афирмирани и вреднувани, а важни сегменти од опусот на Конески.

Во оваа книга, Иван Антоновски на извонреден начин потсетува на тестаменталното значење на клучните пораки на Блаже Конески во врска со македонскиот опстанок. Идејата водилка на оваа книга е да не се маргинализираат пораките на Конески, затоа што тоа би значело културна маргинализација на Македонците. Никој не се откажал од својата историја, а некои посегнале по туѓата. И едните и другите ја знаат важноста на историја за сегашноста и за иднината. Откажувањето не е опција. Тоа е нишката која од одделните текстови на оваа книга прави една целина. Целина во којашто се промислува нашата домородна „македонијада“, истакнува академик Катица Ќулавкова.

Според оцените на проф. д-р Димитар Пандев, во оваа книга, Антоновски прецизно го чита Конески и го чита тестаментално, како што се чита послание срочено од престижна јазикотворечка личност.

И ја доловува смислата на Конески, на која самиот тој толку инсистираше и не дозволуваше прашања. Но долг и право е на авторот следбеник на тие загатнати прашања да посочи одговор. Во името на егзактноста со која понира во пределните области на Конески, нагласува Пандев.

Со анализите, согледбите и заклучоците за книжевното дело на великанот, но и со научното опсервирање на претходните научни огледби од претходниците и современиците, книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски претставува нов влог во македонската книжевна наука. Како што констатира проф. д-р Владимир Мартиновски, не е воопшто лесно за Конески да се пишува „просто и строго“. Онака како што тој ги пишуваше и поезијата, и есеите, и научните статии. Но, Антоновски ни покажува дека денес, тоа не е само потребно, ами е и возможно.

Научните статии и огледи од кои е сочинета книгата „Просто и строго – Конески“, со строга акрибичност, со прецизна научност, но и со топла непосредност ги истражуваат книжевните дела на Конески, помагајќи ни да ја насетиме нивната „скриена смисла“, посочува Мартиновски.

Според него, со својата љубопитност, упатеност и посветеност, Антоновски ни помага да влеземе во авантурата која е бескрајно возбудлива: доисчитување и доистражување на опусот на Конески. Антоновски ни покажува дека колку повеќе навлегуваме во светот на Конески, толку повеќе ја чувствуваме актуелноста на неговото дело.

Затоа, оваа книга на Антоновски, настанувана постепено, претежно преку учество на бројни научни собири по повод 100-годишнината од раѓањето на Конески, е одличен прилог кон одбележувањето на 30-годишнината од неговата смрт. Со оваа книга, Иван Антоновски, токму просто и строго, нè уверува во бесмртноста на делото на Блаже Конески, нагласува Мартиновски.

Иван Антоновски е млад, но искусен и докажан автор, асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Минатата година беше прогласен за најдобар млад научник од хуманистичките науки и од претседателот на државата му беше доделено признанието „Успешни млади“. Дел од научните трудови за кои го доби признанието се објавени и во оваа негова книга за Конески.

Со одбележувањето на 30-годишнината од физичкото заминување на Блаже Конески со објавувањето на книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски, книгоиздавателството „Матица македонска“ продолжува со остварување на својата определба за вложување во афирмацијата и вреднувањето на делото на великанот, заради која и минатите години објави неколку книги кои се однесуваат на неговиот опус.

Книгата „Просто и строго – Конески“, веќе е достапна за читателите во книжарниците на „Матица македонска“ во Скопје, како и преку онлајн-книжарницата на книгоиздавателството.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.