Со проекција на неповторливиот филм „Маратонците го трчаат почесниот круг“ , во присуство на амбасадорката на Република Србија Н.Е. Невена Јовановиќ, управникот на Архивот на Југословенска кинотека Александар Ердељановиќ, како и неговите соработници Бранислав Ердељановиќ и Дејан Ковачевиќ, во Кинотеката стартуваше манифестацијата „Антологија на српскиот филм“, организирана од Кинотеката на Македонија, Југословенската кинотека во Белград, Српскиот културно-информативен центар СПОНА во Скопје и Скопје филм фестивал класик, со поддршка на амбасадата на Република Србија во Р.Македонија.

Директорот на Кинотеката Владимир Ангелов го отвори настанот поздравувајќи ги присутните и изрази задоволство што оваа манифестација се отвора со култниот филм „Маратонците го трчаат почесниот круг“, чии реплики се живи и денес.

Амбасадорката на Србија, Н.Е. Невена Јовановиќ, ги потенцираше придобивките од културната дипломатија, која уште повеќе ги зближува народите и земјите кои имаат одлична соработка, изразувајќи задоволство што македонската публика ќе има можност да ужива во овие култни српски филмови.

Александар Ердељановиќ потсети на почетоците на Југословенската кинотека од нејзиното основање во 1949 година како централна Југословенска кинотека, која во 1965 година станува една од петте најбогати филмски архиви во светот според филмскиот фонд со кој располага, а кој е сочинет од над 100.000 филмови и стотици илјади филмски плакати и останата филмска граѓа. Ердељановиќ ги запозна присутните и со активностите на Југословенската кинотека во доменот на дигитализацијата и дигиталната реставрација на филмовите. Во нивниот центар од 2009 година се дигитално реставрирани 25 филмови од кинематографиите од регионот, во кој спаѓаат 11-те наслови од Антологијата на српскиот фил, но и три македонски наслови: „Татко (Колнати сме Ирина) на Коле Ангеловски, „Жед“ на Димитрие Османли и „Хај-фај“ на Владимир Блажевски. Управникот на Архивот Ердељановиќ потоа во едно кратко и сеопфатно излагање се осврна на филмовите и нивните автори од оваа антологија, запознавајќи ги присутните гости и гледачи со најбитните поенти.

Антологијата на српскиот филм ќе биде на програмата на Кинотеката до 11 мај.

Од 5 мај (четврток) до 11 мај (среда) 2022 година на кинотечната програма се 11 наслови, продуцирани од раните 60-ти до средината на 80-тите години на минатиот век: КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ? (Ko to tamo peva? / Who is Singing There?), МАРАТОНЦИТЕ ГО ТРЧААТ ПОЧЕСНИОТ КРУГ (Maratonci trče počasni krug / The Marathon Family), ЛАЖЛИВО ЛЕТО ’ 68 (Varljivo leto ’68 / The Elusive Summer of ’68), БАЛКАНСКИ ШПИОН (Balkanski špijun / Balkan Spy), НАЦИОНАЛНА КЛАСА (Nacionalna klasa / National Class Category Up to 785 Ccm), ПЛАСТИЧЕН ИСУС (Plastični Isus / Plastic Jesus), КОГА ЌЕ БИДАМ МРТОВ И БЕЛ (Kad budem mrtav i beo / When I Am Dead and Gone), ЉУБОВЕН СЛУЧАЈ ИЛИ ТРАГЕДИЈАТА НА СЛУЖБЕНИЧКАТА ВО ПТТ (Ljubavni slucaj ili tragedija sluzbenice P.T.T. / Love Affair, or The Case of the Missing Switchboard Operator), ВЕНЕЦОТ НА ПЕТРИЈА (Petrijin venac / Petria’s Wreath), ЉУБОВ И МОДА (Ljubav i moda / Love and fashion) и ДАВИТЕЛ ПРОТИВ ДАВИТЕЛОТ (Davitelj protiv davitelja / Strangler vs. Strangler).

 

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.