Управниот одбор на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола под чија капа е „Мал битолски Монмартр“ ја отфрли понудата на Министерството за култура да го преземе фунцкионирањето на светскиот бренд, а со предлогот велат дека се чувстуваат понижени. Не сакаат политичко обојување на проблемот со кој се соочува Детско ликовно студио и преку социјалните мрежи соопштуваат дека Управниот одбор донел одлука со која се прифаќа финансиската поддршка за плата и трошоци до крајот на годината која им беше понудена од страна на Општина Битола.

Министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, вчера објави дека министерството за култура го презема функционирањето на „Мал Битолски Монмартр“. Преходно, на социјалните медиуми беше објавен апел за спас на „Мал битолски Монмартр“, по одлуката на министерството за образование по 40 години да ги стопира финансиските средствата за Детското ликовно студио, а со тоа и култниот светски бренд „Мал Битолски Монмартр“.

Управниот одбор на Детско ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола донесе едногласна Одлука со која децидно ја одбива понудата на Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска која ја смета за несериозна и навредлива. Управниот одбор смета дека е несериозно светскиот бренд да стане дел од Центарот за култура Битола како национална установа, а Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола да продолжи со аплицирање кон проекти. Тоа е крадење на мала врата на трудот и вредностите кои Детско ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола ги стекнало низ 41 година. Тоа е срамен предлог, а не решение на кое треба да помисли министер кој доаѓа од Битола. Ние со предлогот се чуствувамe понижени, велат од Детското ликовно студио.

 

Во нашата установа право да обојуваат имаат само децата, сè друго е политичко профитерство за ефтини партиски поени!, велат од УО.

Министерството за образование и наука 3О години даваше поддршка на Детско ликовно студио во форма на три параметри: една плата за технички секретар , електрична енергија и телефонски трошоци, по што вчера реши да ја прекине поддршката. Министерот Јетон Шаќири синоќа нè повика на состанок во Скопје, но бидејќи немаше конкретна понуда, го одбивме присуството, велат од УО.

Оттаму додават дека делегирале работно тело кое итно ќе оствари средба со Градоначалникот на Општината и Советот на Општина Битола.

Во меѓувреме, ќе бидат отворени просториите на Детско ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола за финансиска и логистичка поддршка од граѓаните, потоа општествено одговорни компании и претставници на Дипломатско конзуларните претставништва на странски земји во Македонија од 9:3O до 17 часот секој ден и редовно ќе се одржуват бесплатни часови по ликовна едукација на засега пријавени 5О ученици за учебната 2О22/2О23 година со почеток од 1О септември 2O22 година.

Од Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ додаваат дека преку средби и  активности ќе ги информираат партнерите од цел свет, УНЕСКО  и ОН како и организации за нега и заштита на детското сликарство за обидот за затворање на Детско ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола и згаснување на „Малиот битолски Монмартр”.

УО на Детското ликовно студио најавува прес конференција за в петок, 26 август 2О22 со почеток во 11 часот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.