Со цел да се оствари континуитет во претставувањето на македонската визуелна сцена, КСП Центар-Јадро продолжува со нова серија разговори во живо, со македонски визуелни уметници и нивните дела изложувани на значајни изложби. Намерата е да се постигне поголема промоција како и генерациско поврзување што ќе помогне во воспоставувањето на континуитет и интензивирање на дијалогот на локалната уметничка сцена.
Оттука, нов разговор со Роберт Јанкулоски ќе се случи утре, (петок, 8 декември) од 20 часот во КСП Центар – ЈАДРО.
Разговорот ќе го води Ана Франговска, кураторка и историчарка на уметност.
Роберт Јанкулоски е роден е во Прилеп, 1969 година. Дипломирал на факултетот за Драмски уметности во Скопје на катедрата по камера во 1996. Магистрирал во 2011 на Универзитет за аудиовизуелни уметности – ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк во Скопје. Основач е на Македонскиот центар за фотографија, 2000 година. Реализирал 36 самостојни изложби и учествувал на голем број групни изложби насекаде во светот. Добитник е на неколку награди од областа на визуелните уметности и филмот, добитник на државната награда „23 октомври“ за остварувања во културата и уметноста, како и носител на титулата Витез од областа на уметноста и книжевноста, доделена од Министерството за култура на Франција. Во моментов е редовен професор на Факултетот за филмски уметности при Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ во Скопје.
Јанкулоски е еден од најзначајните претставници на македонската современа фотографија, кој ја користи фотографијата во сосема нов контекст. Она што го вбројува Јанкуловски во оваа селекција на користење на транстактики, покрај неговите мошне важни проекти во кои се преплетува уметноста со политиката, социологијата, антропологијата, екологијата итн. е неговата директна поврзаност со оформувањето на Македонскиот центар за фотографија, но и неговата умешност во рециклирање и рекористење на овие стари архивски фотографии, со што неговата уметничка трансдисциплинарна платформа може да се дефинира и како „фотографија како историја на фотографијата“, како што би рекол Небојша Вилиќ.
Проектот е поддржан од Министерство за култура на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.