Вечерва во 20 часот во Филхармонија ќе се одржи концерт на светски познатиот пијанист Симон Трпчески и пријателите кои заедно со Камерниот оркестар „Ајга“ ќе ја изведат македонската премиера на оркестарската верзија на проектот „Македонисимо“. Синоќа, на 31 март Трпчески и пријателите исто така имаа концерт во Филхамронија. Овие две концертни вечери го означија почетокот на првото издание на „Скопје интернационален музички фестивал“.

Два концерта се одржуваат поради големиот интерес за првично најавениот концерт на 1 април. Вториот концерт се одржа синоќа поради програмскиот распоред на учесниците и достапноста на големата сцена на Македонската филхармонија.

Оркестарската верзија на „Македонисимо“ се базира врз транскрипции на македонската традиционална музика од композиторот Панде Шахов, во соработка со врвниот пијанист Трпчески.

Квинтетот „Македонисимо“ го сочинуваат:  Симон Трпчески на пијано, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал, Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело и Влатко Нушев на удиралки, кои ќе настапат заедно со Камерниот оркестар „Ајга“ под диригентската палка на Ана Спасовска.

Специјални гости на вечерта ќе бидат Владимир Крстев на виолина, Александар Димитров и Паскал Краповски на виолончело.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.