Со македонска премиера на новиот долгометражен филм „Мими“ на режисерот Даријан Пејовски, ќе се отвори 21. издание на фестивалот на европски филм Синедејс. Филмот ќе се прикаже на 7 јули на кровот на ГТЦ.
„Мими“ ќе има светска премиера на Пулскиот филмски фестивал, чие 69. издание ќе се одржи од 16 до 24 јули. Филмот е селектиран во Меѓународната програма на фестивалот, покрај десет други наслови.
Филмот е селектиран во SEE програмата на Синедејс и ќе се натпреварува за една од наградите.
Улогите во „Мими“ ги толкуваат: Наталија Теодосиевска како Мими, Тамара Ристоска, Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Владимир Петровиќ, Стефан Спасов и други.
Пејовски е автор на сценариото на филмот, Дејан Димески е кинематографер, сценографијата е на Игор Тошевски, Емилија И.Атанасовска – костимограф, Ива Куробаса – шминка и фризура, Александар Пејовски е автор на оригиналната музика, монтажата е на Владимир Павловски и дизајнот на звукот на Игор Поповски. Продуцент на филмот е Томи Салковски, а копродуценти се Дамир Терешак и Марко Јакимовиќ. Филмот е копродукција на Македонија, Хрватска и Црна Гора.
Мими ги напушта своите родители, и болното минато од родното место, за да студира во Скопје. Ја запознава Сара – млада мајка со богат но насилен сопруг. Работејќи во киоскот на вујко ѝ, и како бебиситерка за Сара, Мими копнее по единственото што не може да го има – мајчинството.
„Мими“ е втор филм на Пејовски, по „Три дена во септември“.
Годинашниот „Синедејс“ фестивал ќе се одржува до 14 јули под слоганот „Од високо подобро се гледа“ и ќе содржи повеќе од 50 филмови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.