Oркестарот на Македонската Филхармонија ќе го изведе концертот насловен „Сила“, на кој како солисти ќе настапат Пачо Флорес (Венецуела) на труба, Лео Рондон на венецуелска гитара (Венецуела), а диригент е маестро Мануел Хернандез – Силва (Венецуела/Шпанија).

Концертот го носи наслов „Сила“, бидејќи е фокусиран на моќта на интерпретацијата, страста и енергијата којашто и самите изведувачи треба да ја донесат на сцената.

Мануел Хернандез-Силва дипломира на престижниот Државен конзерваториум во Виена со највисоки оценки, а професори му биле Рејнхард Шварц и Георг Марк. Добитник е на наградата на натпреварот за диригирање „ЈунгерКунстлер“, што ја доделува Виенскиот камерен оркестар, со кој Силва диригира во Виена.

Трубачот Пачо Флорес критиката го оценува како еден од најатрактивните уметници денес, кој е фокусиран на промоција на современата музика. Првите награди што ги освоил на најпознатиот меѓународен натпревар за труба во светот „Морис Андре“, како и на „Филип Џонс“, ја потврдуваат неговата висока репутација во светот на музиката.

Лео Рондон е познат интерпретатор на венецуелска куатро гитара, аранжер и продуцент на квартетот „Авила“, на Венецуелскиот музички квартет, како и на ансамблот „Л’Арпеџата“, покрај неговиот соло проект едноставно насловен „Лео Рондон“. Добитник е на значајни награди во Венецуела и Колумбија како изведувач на куатро гитара.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.