Тимот на „Македонисимо квинтетот“ ќе одржи концерт на летната сцена во Градскиот парк во Делчево на 6 септември со почеток во 20 часот. Концертот, во организација на Општина Делчево во соработка со КултурОп, се одржува во чест на 80-годишнината од ослободувањето на градот и како и сите досегашни изведби на отворено, публиката ќе може да го проследи бесплатно.

Заедно со маестро Симон Трпчески, ќе настапат: Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело; на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов, а зад удиралките е Влатко Нушев, роден токму во Делчево.

Трпчески се враќа дома по трите концерти на отворањето на сезоната на Симфонискиот оркестар на Дизелдорф (30 август-2 септември), каде под диригентската палка на британскиот маестро Алпеш Чауан учествува во изведбата на Концертот за пијано и оркестар број 2 од Рахманинов.

По струшкото село Збажди, Скопје, Штип, Битола и село Секирник, Општина Босилово, Струмица, Трпчески и пријателите и пред публиката во Делчево ќе го изведат албумот „Македонисимо“што во издание на британската етикета „Лин Рекордс“ го обиколи светот – проект во чии рамки на оригинален начин се обработува македонската народна музика од страна на нашиот композитор, Панде Шахов, кој, како што вели Трпчески, „со својот посебен музички јазик ја обои на многу поинаков начин, испреплетувајќи со нашата традиционална музика различни музички стилови“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.