Македонскиот пијанист со светски глас, Симон Трпчески, вечерва во 19 часот на Главната сцена ќе настапи заедно со својот квинтет „Македонисимо“ на „Д Фестивал“ во Дојран. Концертот ќе биде подарок за публиката. Во составот, покрај Трпчески, учествуваат: Хидан Мамудов (кларинет, алто саксофон и кавал), Александар Краповски (виолина), Александар Сомов (виолончело) и Влатко Нушев (удиралки).

Светската премиера во Германија во 2017 година на фестивалот Лудвигсбургер Шлосфестшпиле предизвика блескави критики: „Сосема магично“, пишува Süddeutsche Zeitung: „Оваа група треба да дојде повторно“, извика The Independent по премиерата во Обединетото Кралство во Вигмор Хол, Лондон, во 2018 година.

Дваесет и три ора и песни, лично избрани од Трпчески за овој проект, се испреплетени на навистина уникатен начин од македонскиот композитор Панде Шахов. По неговата успешна премиера во Германија, проектот патуваше во Словенија, Велика Британија, Полска, Холандија, Франција, Србија, Црна Гора, Романија, Јужна Кореја, Канада, Швајцарија, Австрија.

Квинтетот беше прикажан на BBC Radio 3 In Tune, пренос во живо на Јутјуб од Јужна Кореја и Канада, како и на други реномирани ТВ и радио емитувачи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.