Едно од највлијателните дела во светската книжевност „Војна и мир“ од Лав Николаевич Толстој беше поставено вчеравечер на сцената Долни Сарај во рамките на драмската програма на 62-то „Охридско лето“.

Вечно актуелниот универзум во извонредна режија на Борис Лијешевиќ го донесоа врвните актери од Народниот театар Белград, Србија преку тричасовната игра. За Народниот театар во Белград новата драматизација на ова ремек дело ја направи писателот и драматург Федор Шили во соработка со режисерот Лијешевиќ.

Во самиот избор на актерската екипа, покрај веќе познати и докажани актери продефилираа и млади актери чии ликови се први нивни креации. Уметничкиот тим го сочинуваат соработници со кои режисерот има долгогодишна соработка.

Тешко е од ваков роман да се издвои едно нешто. Тука има многу работи. Размислувањата на ликовите за Бога, за вечноста, за љубовта како поглед на светот, за љубовта како начин на живот… Има многу работи за клучните моменти во животот, кога човекот ја согледува и допира суштината која всушност е и тука, која сето време била тука пред неговите очи. Оваа суштина е всушност мир, која не можел да се согледа поради војната – вели режисерот Лијешевиќ.

Според него, човекот постојано води битка со самиот себе, со околината, со животот, со Господ…

Мирот всушност е светот. Војната и мирот, како принципи по кои функционира животот и светот се како две сили кои го движат светот и историјата, но пред сѐ човекот. Војната и мирот, како неразделна целина се нешто што не можеме да го разбереме. Како мапа по која се движиме, тркало во чија внатрешност се движиме како циркуски глувци. Војната и мирот заедно ја сочинуваат целината на нашите животи – додава Лијешевиќ.

Неговото долгогодишно театарско творештво резултира со многу успешни и повеќе наградувани театарски претстави, а претставата „Војна и мир“ на големата сцена на Народниот театар Белград е негово најфасцинантно театарско остварување досега.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.