Сите сме сведоци на голем научно-истражувачки успех на локалитетот Растница, кој не само што фрла ново светло на археолошката историја на Македонија, туку претставува значаен придонес кон европското и светското археолошко наследство.
Во Охридско-струшкиот Регион досега се истражувани голем број на некрополи од архајскиот период со богати гробни наоди што сугерира на активен живот на високо организирана социјална елита на овој простор во тоа време.
Министерот Љутков вели дека ова е историски момент и активностите нема тука да застанат. Со Археолошкиот музеј на Македонија, Завод и музеј Охрид се прави анализа и ќе се направи извештај со кој ќе се информира Владата за ова наоѓалиште кое ќе отвори нова димензија и за Македонија и за археолозите, но и за самиот локалитет кој ќе не одведе во европските институции и ќе даде една позначајна слика.
Се започнало во 2020 година кога Шефит Шемшедини при извршување на земјоделски работи во атарот на селото Корошишта, Струшко, открива бронзен шлем кој потоа го предава во Завод и музеј Охрид, а во 2023 година тимот од Археолошкиот музеј Скопје добива согласност од сопственикот на нивата Букури Шемшедини за вршење археолошки истражувања.
Зачувувањето на нашето културно наследство, не е само наша обврска, туку и одговорност кон идните генерации. Со овие откритија, не само што го прошируваме нашиот историски контекст, туку ја зацврстуваме нашата позиција како важен чинител на регионалната, балканската и европската археолошка сцена. Ексклузивните наоди од пред 2.500 години го зацврстуваат местото на македонската археологија во светот, изјави министерот за култура Зоран Љутков при презентацијата на откриените осумдесеттина епохални наоди.
Брознен шлем со позлата, бронзен штит, килибарни и стаклени перли, сребрени игли, котел со постамент, златни прстени и фолии со различна форма и декорација е само дел од исклучително вредните археолошки предмети кои се пронајдени при истражувањата на Архајска некропола од шестиот век пред нашата ера на локалитетот Расница во атарот на струшкото село Корошишта.
Археолозите појаснуваат дека се работи за две гробници од кои едната со димензии седум на четири метри, на пет метри длабочина, што според артефактите и додатоците пронајдени укажува дека припаѓала на член на елитно семејство што владеело со регионот во тоа време.
Она што е мошне важно е што една од двете гробници е откриена во нечепната форма односно првпат отворена после период од над 2500 години. Дополнително е важно што истражувањата на локалитетот се спроведени од стручни лица, на најдобар можен начин согласно сите научни процедури.
Вакви наоди се откриваат еднаш во векот и ние ги нарекуваме епохални. Открието е монументално, и по самата гробница што во многу нешта ја надмина и познатата Требенишка некропола, но и по карактерот на наодите. Гробната архитектура според димензиите е импозантна и ги надминува според големината досега сите откриени Архајски гробници на Балканот, рече Арџанлиев, археолог-кустос во Археолошкиот музеј во Скопје.
Археолошките истражувања се дел од проектот за „Систематски археолошки истражувања на архајската некропола Корошишта“ на Археолошкиот музеј.
Подготвија:
новинар: Невена Поповска
фото/видео: Александар Ивановски
монтажа: Александар Арсовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.