Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска во Охрид се обрати на Форумот за културна дипломатија, организиран од Школата за млади лидери, под покровителство на поранешниот претседател на Македонија, Ѓорге Иванов.
Говорејќи на темата: „Младите лидери во меѓународната соработка, одржливиот развој и глобалниот мир“, Љутков ги охрабри младите, порачувајќи дека тие се двигател на иднината, тие ја имаат силата да донесат промени и да ја обликуваат иднината со визија и храброст. „Лидерството не е титула, туку акција. Бидете храбри, верувајте во себе и инспирирајте го светот со вашата енергија, страст и решителност, рече министерот Љутков.
Искуствата што учесниците на Школата за млади лидери ги стекнуваат имаат драгоцено значење, особено кога се работи за конкретни теми, и затоа министерот Љутков објасни: „Македонија како членка на Обединетите нации ја спроведува Агендата за одржлив развој за 2030 година, која признава дека мирот и безбедноста се предуслови за постигнување одржлив развој, но и дека одржливиот развој го обезбедува патот кон мирни општества. Младите се високо во оваа агенда. Потребни се итни мерки кои ќе обезбедат мир и хумани општества. Културата во овие процеси има едно од централните места. Таа мора да се стави во приоритетите на развојните политики зашто како белег на идентитетот на едно општество е често на удар“, акцентираше министерот за култура и туризам.
Министерот Љутков истакна дека културата е особено ранлива категорија, но, од друга страна, културата е силно оружје за глобално обединување на човештвото. „Токму таква сила има културната дипломатија што ја поседува таканаречената ’мека моќ‘ за создавање на врските меѓу државите. Нејзината цел е преку размена на уметност, на јазик и традиција да поттикне позитивни односи меѓу народите. Културната дипломатија овозможува поголемо разбирање и надминување на стереотипите, градење доверба и пријателски односи меѓу различни заедници, надминување на конфликтите од секаков вид. Затоа е неизбежна врската меѓу културата и глобалниот мир“, говореше Љутков на темата на годинашната сесија на Школата за млади лидири.
Пред присутните панелисти од повеќе институции од светот и учесниците на Школата за млади лидери, министерот Љутков мотивирачки им се обрати на младите велејќи дека светот е полн со неизвесност, но тој истовремено изобилува со потенцијал што мора да биде искористен. Затоа, додаде тој, вештините и визијата на младите се алатките што можат да ја надминат неизвесноста и да ја претворат во можности. Тој се осврна на значењето на знаењето и на мудроста во процесот на созревање на младите, но ги охрабри и во поглед на одржувањето баланс помеѓу личниот и професионалниот живот. „Важно е да се сетите зошто сте започнале. Што е тоа што ве мотивирало да станете лидери? Кога ќе се вратите на таа основна мотивација, ќе ја најдете вашата сила повторно“, рече министерот Љутков на сесијата во Охрид.
Вториот форум за културна дипломатија на Школата за млади лидери, со тема: „Младите лидери во меѓународната соработка, одржливиот развој и глобалниот мир“, започна со обраќањата на: Ивица Боцевски, специјален претставник на македонската Влада за време на унгарското претседателство со ЕУ, поранешниот претседател Ѓорге Иванов и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. На Форумот учествуваа високи претставници од земји од светот, од УНЕСКО, од Европскиот парламент, министри и амбасадори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.