Кога ќе излезете од концертот можеби нема да ја запаметите музиката што ја слушавте, но никогаш нема да заборавите како сте се чувствувале. Тоа е важно. Важно е како ќе се чувствувате откако ќе ви ја претставиме музиката, рече Луис Бонила пред настапот со ЗЏМ на новогодишниот концерт и сосема беше во право.

ЗЏМ биг бенд и Луис Бонила приредија вистинско празнично уживање за љубителите на латино џез призвукот и познавачите на добриот џез. Иако истиот ден имаше бројни настани во Скопје, салата на Филхармонија беше исполнета со љубопитни лица кои сакаа да го посведочат настапот на реномираниот американски џез тромбонист, Луис Бонила.

Бонила по потекло е од Костарика. Добитник е на неколку Греми награди, продуцент, композитор, аранжер и професор. Низ плодната кариера на бројни изданија остварува соработки со некои од најголемите имиња во историјата на џезот: Вангард џез оркестра, Мингус биг бенд, Мекој Тајнер, Дизи Гилеспи, Лестер Боуви, Том Харел, Фреди Хабард, Аструд Гилберто, Вили Колон и Тошико Акијоши.

35 години патувам низ светот и кога доаѓам овде се чувствувам како дома. Како да сум во Еквадор, Перу, Венецуела…, рече Бонила.

Овој концерт е многу важен чекор за ова здружение на музичари. Овде има многу креативни музичари, многу силни музичари живеат  во Македонија, особено во Скопје и се чини дека многу природно доаѓа кога се здружуваат вакви креативни луѓе и прават некакво движење. Ова го почувствував кога живеев во Њујорк и сега гледам дека истото се случува и во Скопје и за мене тоа е многу возбудливо. Дарко, Бранко и останатите ги знам многу одамна, имаме енергија која се пренесува на младите музичари кои се љубопитни… Балканот за мене е како да сум во Латинска Америка, луѓето се љубезни, не се срамежливи, во Македонија се чувствувам како да сум дома. Прекрасно е да се биде повторно во Македонија. Не сум бил неколку години и среќен сум што можеби ќе имам повторно можност да ловиме риба во Охрид.

Новогодишниот концерт на ЗЏМ и Луис Бонила беше фантастична можност да се слушне врвна изведба и музика. Програмата е селекција на латино страната на џезот и преовладува тромбонот.

Го сакам тромбонот, а музиката која ќе ја презентираме е селекција од повеќе плочи што сум ги снимал во младоста, најави Бонила

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.