На 10 септември, вторник, од часот во ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Лирско интермецо“ од Љупка Галазка Василев. ( 10.09. – 25.05.2024). Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.
„Лирско интермецо“ е колаж од сликарски секвенци преку кој се материјализираат нашите стравови, копнежи, желби и очекувања. Отсликување на човечката душа, нежна и кршлива а во исто време толку моќна. Презентирани ќе бидат дваесетина дела,насликани во техника акрил и комбинирана техника на платно,создадени во последните неколку години.
Творештвото на Галазка Василев е суптилно и повеќеслојно, еднакво, како што и зрачи нејзиниот изглед. Делата на Галазка се помеѓу апстрактното и реалното, како во некој одреден миг да се спојуваат сонот и јавето. Нејзината палета ги поседува земјените тонови: окер, портокалова, кафена или жолта, претежно хармонизирани, но со јасни и видливи елементи на контрастни бои: сина, зелена или виолетова. Долго ги набљудувам сликите на Љупка забележувам дека низ мноштвото богати нијанси ѕиркаат децентни чипкасти, налик невестински детал и, обрабени со бела боја и благо заоблени. Сликарката умешно ги комбинира боите и цртежот, тонскиот фон и цртачкиот сегмент. Гледајќи ги нејзините дела констатирам дека станува збор за едно творештво во кое се вклучени сите елементи, кои чинат една раскошна композиција од бои, линии, преку тонови или тонски скали. Љупка умее суверено да владее со четката и просторот кој го нуди сликарското платно. Таа ги чувствува своите сликарски предели, кои напати делуваат мистично или тајновито, а всушност тоа се слики кои се гласни и звучни. Звукот кој произлегува од мистериозните видици и предели на делата од Љупка посакувам да го чуе Универзумот, на кој му припаѓаат сите можни и неможни бои, тонови и нијанси…Јас го чув. А вие?, вели Ивана Настески, м-р по графика и графички техники.
Љупка Галазка-Василев е роодена 1979 година во Струмица. Дипломирала на Националната Ликовна Академија во Софија. Живее и работи во Струмица како професор по ликовна уметност во средно училиште.
Имала повеќе индивидуални и групни изложби, учестувала на ликовни хепенинзи и уметнички колонии.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.