Советoт на фестивалот „Танц фест Скопје 2022“ одлучи да ја додели овогодинешната наградата „Менада“ за врвни остварувања во областа на танцот на легендараната „Марта Греам танцовата компанија“ од Њујорк, САД, соопштија од Фестивалот.

Компанијата ќе настапи во рамки на осумнаесетото, роденденско издание нa фестивалот и ќе и биде доделана на актуелната уметничка директорка на компанијата, Џенет Ајлбер, на сцената на Македонскиот народен театар на 20 април во 20 часот.

Горда сум, што фестивалот, на својот 18. роденден успеа да ја донесе оваа извонредна компанија во Скопје, со што ќе и овозможи нa својата публика, уникатно задоволство да ги види креациите на Марта Греам, создадени во 1937, 1942, 1957 и 1981 година, како и креациите кои ги создаваат новите кореографи инспирирани од нејзиното творештво. Публиката на Танц Фест Скопје 2022, е една од ретките кои имаат ексклузивна можност да ја видат компанијата на Греам и уникатното историско наследство, како сведок на стогодишниот развој на современиот танц во живо, за што огромнa благодарност искажуваме за поддршката на Американската амбасада во Македонија и фондацијата „American Dance Abroad“ – вели уметничката директорка на Танц Фест Скопје 2022, Рисима Рисимкин.

Марта Греам (1894 – 1991), американска танчерка и кореографка, во својот долг творечки век има создадено 181 претстава, како и своја танцова техника која е општо прифатена и по своето значење, обем и големина, споредувана со балетската класична техника на танцување. Нејзиниот пристап кон танцот и театарот ја револуционизираше уметничката форма, а нејзиниот иновативен физички речник има неповратно влијание врз танцот ширум светот.

Извонредното уметничко наследство на Марта Греам, се чува и се презентира на актуелната јавност, преку изведбите на нејзините дела, кои „Танцовата компанија Марта Греам“, заедно со подмладокот кој се претставува преку „Танцовата компанија Марта Греам 2“, ги претставуваат ширум светот. Марта Греам ја оснива компанијата во 1926 година, период во кој живее и работи во мало студио во Карнеги Хол, во центарот на Менхетен. Развивајќи ја својата техника, Греам бескрајно експериментира со основното човечко движење, почнувајќи со најелементарните движења на контракција и ослободување. Користејќи ги овие принципи како основа за нејзината техника, таа гради речник на движење кој „ќе ја зголеми емоционалната активност на телото на танчерот“. Танцот и кореографијата на Марта Греам ги изложија длабочините на човечките емоции преку движења кои беа остри, аголни, назабени и директни. Светот на танцот е засекогаш изменет од визијата на Марта Греам, која беше и продолжува да биде извор на инспирација за нови генерации танцови и театарски уметници.

На репертоарот на компанијата, во делата на Греам настапуваат светски познати изведувачи како Михаил Баришников, Маргот Фонтејн, Лиза Минели, Рудолф Нуреев, Маја Плисецкаја и многу други. Нејзините револуционерни техники и непогрешлив стил добиваат признание од публиката во повеќе од 50 земји низ Северна и Јужна Америка, Европа, Африка, Азија и Блискиот Исток.

Уникатната визија и креативен гениј на Марта Греам ѝ донесоа бројни почести и награди, како што е „Ловоровиот лист на американската алијанса на композитори“ во 1959 година. Во 1986 година, нејзините колеги во театарот, членовите на Меѓународната алијанса на вработени во театарската сцена, ја изгласаа за добитничка на наградата за танц „Local One Centennial Award for Dance“; награда која нема да биде доделена следните 100 години. Во 1976 година, претседателот Џералд Р. Форд и го додели на Марта Греам највисокото цивилно признание на Соединетите Држави „Претседателскиот медал на слободата“, и ја прогласи за „национално богатство“, со што стана првата танчерка и кореограф што ја добива оваа чест. Друга претседателска чест ѝ беше доделена на Марта Греам во 1985 година кога претседателот Роналд Реган ја назначи меѓу првите добитници на „Националниот медал за уметност на Соединетите држави“. Греам е добитник на многу други признанија и награди, а од годинава, компанијата која го продолжува нејзиниот творечки пат и се грижи за ова извонредно кутлурно наследство, ќе ја вброи и нашата Награда „Менада“ меѓу другите светски признанија..

Компанијата во моментов е предводена од извонреден тим, кој го сочинуваат Џенет Ајлбер како уметнички директор и ЛаРу Ален како извршен директор. Тие го негуваат и чуваат културното наследство на Греам, но, воедно и го надградуваат, вклучувајќи млади уметници и кореографи кои работат по мотиви на нејзините претстави, што и дава на компанијата нови видици и хоризноти, со кои таа повторно ја освојува танцовата сцена на светско ниво.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.