Со изложба на најубавите илустрации од книгите за деца во издание на „Арс Ламина“ и два раскошни настани, кои се спој на литературата и музиката: поетско-музичката вечер „Никола Маџиров и пријателите“ и концертот „Диши љубов“ на составот „Шлиц“, предводен од Џијан Емин, заврши фестивалот „Видик“.
Првото издание на фестивалот за литература и општа култура, што е во организација на „Литература.мк“, од 16 мај до 16 јуни, на публиката ѝ понуди квалитетна фузија на литературата, музиката, театарот, дизајнот, илустрацијата и видеото, освежувајќи ја културната понуда во нашата метропола и истовремено давајќи значајна поддршка на авторите од сите области на културата.
Изминатиот месец, неколку илјади гости уживаа во дваесетина настани, кои се одржуваа во книжарниците на „Литература.мк“ на улица „Македонија“, во „Дајмонд“, „Ист гејт“ и „Скопје сити мол“. На програмата имаше промоции на книги за возрасни и за деца, музички настапи, театарски изведби, изложби на илустрации, проекции на документарци и мултимедијални презентации.
Изложбата на илустрации од книгите за деца со назив „Страници на фантазијата“, можеше да се погледне од 3 до 16 јуни, во „Литература.мк“ во „Ист гејт мол“. На оваа изложба посетителите имаа можност да ги погледнат најубавите илустрации од книгите: „Си беше еднаш“ (Наталија Лукомска), „Нови бајки од Македонија“ (Орце Нинески), „Рокчето“ (Анета Илиевска), „Девојче и мече“, „Девојчето и градот“, „Рекичето што сакаше да порасне“ (Ване Костуранов), „Бајки од Македонија“ (Катерина Николовска), „Мачката Мара шубара“ (Иванка Ниба) и „Шила“ (Калиопи Трпчева).
Во петокот (14 јуни), неповторливиот Џијан Емин, предводејќи го составот Шлиц“ (Schlitz), понуди сосема нов, автентичен и уникатен концепт, преку изведба на мешавина од арт рок и џез од мултимедијалниот проект „Диши љубов“, по текст на Тина Иванова и сценско-музичкиот перформанс „Улица“ создаден на текст од Славко Јаневски. „Диши љубов“ пее за љубовта, за Скопје, зборува за две суштински појави без кои човекот не би можел да опстои – воздухот и љубовта. Музиката и лириката ја поседуваат онаа скопска, носталгична звучна естетика и влече корени од музиката од осумдесеттите и особено од музиката од деведесеттите години на минатиот век создавана во САД и Велика Британија. Настапија: Џијан Емин (гитара и вокал), Драган Гиновски-Гино (гитара), Георги Шарески (гитара), Дарко Мучев-Мучо (бас-гитара) и Гоце Стевковски (тапани).
Претходната вечер (13 јуни), во преполната книжарница „Литература.мк“, во „Дајмонд мол“, се одржа емотивно поетско-музичко враќање на Никола Маџиров дома со големата книга „Шестарот на времето“. По светскиот успех, многуте признанија и настапи на најголемите поетски фестивали, соработка со познати интернационални музичари и уметници, врвниот македонски поет Никола Маџиров се „врати дома“. Настанот почна со проекција на документарец со видеоснимки од настапи на Маџиров на повеќе поетски фестивали, како и од изведба на музичари, кои свират композиции инспирирани од стиховите на нашиот поет. Во продолжение, уредничката Оливера Ќорвезироска ја претстави книгата „Шестарот на времето“, по што следуваше кулминацијата на вечерта – поетското читање проследено со џез-музика. Стихови од Маџиров интерпретираа 20-тина познати имиња од повеќе области на културата, негови соработници и пријатели: поетот Ѓоко Здравески, пејачката Добрила Грашеска, актерката Симона Димковска, писателката Николина Андова Шопова, актерката Александра Пешевска, теоретичарка на уметност и културна менаџерка Искра Гешоска, поетесата Ивана Јовановска, музичарката Зарина Првасевда, професорката Елизабета Шелева, писателот Александар Прокопиев, авторот Дарко Лешоски, амбасадорот на ЕУ – Дејвид Гир, актерот Ѓорѓи Јолевски, џез-музичарите Џон Илија Апелгрен и Гордан Спасовски (муз.), писателот Гоце Смилевски, младата авторка Ива Дамјановски, актерот Мартин Манев, младиот поет Јосип Коцев, Јасна Трпкова од групата „Mојра“ и други. Тие беа придружувани од триото во состав: Никола Бочваров, Дамир Имери и Гоце Стевковски, кои свиреа во тон на поезијата на Маџиров. Во продолжение на вечерта, музичарите свиреа џез-стандарди, со визуелна поддршка на стиховите на поетот.
Видно трогнат и благодарен на почитта што му ја оддаде македонската културна фела, еден од најпознатите и најпреведуваните наши поети во светот, Маџиров, изјави дека со овој настан конечно се чувствува како да се враќа дома:
Ви благодарам што ми дадовте дом. Благодарам за сите гласови што ги отелотворивте. Повеќегласовноста понекогаш ја чувствуваме како внатрешна неволја, но вие со вашите гласови ме вдомивте. Денеска се чувствувам како вратен дома, обединет со вас, со вашите гласови и вашето присуство. Благодарам што ме убедивте да се реализира оваа книга, на најубав можен начин – со љубов! Благодарност до уредничката Оливера Ќорвезироска, до авторката на поговорот Лидија Капушевска-Дракулевска и на издавачката куќа „Арс Ламина“. Зборот благодарам нека не исчезне, без оглед на тоа што толку многу се повторува, затоа ја избрав да ја прочитам песната „Дом“ – рече Маџиров.
На 12 јуни беше одиграна комедијата „Торонто експрес“. Претставата, со Александар Микиќ во главната улога, е работена по мотивите од книгата „Торонто експрес (Тибам штркот)“ на авторот Зоран Спасов-Ѕоф. Станува збор за „водич за идните печалбари и тазе имигранти“ или литерарен прирачник за заминување, но и за враќање од Канада.
Првиот фестивалски ден на „Видик“ почна со лирска фузија на поезијата и музиката: преку претставување на поемата „Коњски житија“ од Зоран Анчевски, како и концерт на скопскиот состав „Акварела“ (Aquarela). Во мај следуваа: концерт на „Парусион груп“, промоција на хибридно-инклузивната сликовница на кирилско писмо и на Брајова азбука „Шарени ириси“, со текст на Јована Матевска Атанасова и илустрации на Симонида Филипова Китановска. Претставување на збирката раскази „Атакама“ од црногорскиот автор Никола Николиќ, тематскиот интерактивен настан за фанови, „Враќањето на Шерлок Холмс“, изведба на стендап-комичар Марјан Георгиевски на монодрамата „Железно небо“. Публиката уживаше и во настанот „Џез на кирилица“ – во чест на Денот на сесловенските просветители со џез-состави „Мојра“, фанк вечерта со Џорџ Цветковски, концерт и работилница за деца со „Фамилија Металковци“, завршна изложба на „Порта Европа“ и концертот на гитарскиот виртуоз Мухамед Ибрахими.
Во јуни, меѓу другите се одржаа и изведбата на монодрамата „Пингвинот“, промоција на серијалот сликовници од младата авторка Маја Мишевска, концерт на една од најстарите блуз-групи во нашата држава, „The Wild Bunch“, и проекција на документарец и настап на диџеј Дарко Марковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.