Кусометражниот филм „Уништен свет“, создаден со помош на вештачка интелигенција (ВИ), во режија на на македонскиот дигитален уметник Зоран Попоски е финалист на 53-то издание на Меѓународниот филмски фестивал во Далас, Тексас. Филмот на Попоски е номиниран во категоријата меѓународен кусометражен филм и видео.

Фестивалот во Далас е еден од најстарите и најреноминарните меѓународни филмски фестивали во САД. Од 1971 година до денес, фестивалот има прикажано илјадници премиери на филмови од сите жанрови.

Номинацијата за награда како финалист на овој еминентен филмски фестивал е вистинска чест. Мојот кусометражен филм поетски го истражува сложениот однос меѓу човештвото и технологијата, односно вештачката интелигенција. Мојата благодарност до Фестивалот во Далас што го номинираше мојот филм за награда во оваа престижна категорија и што придонесува за ширењето на пораката на филмот со тамошната публика, изјави режисерот Попоски.

Филмот „Уништен свет“ на Попоски е првиот кусометражен поетски филм во кој сите елементи (слика, звук и нарација) се создадени со помош на вештачка интелигенција. Филмот ја имаше својата премиера во Лос Анџелес во 2022 година и досега е прикажан на петнаесетина меѓународни филмски и видео фестивали, каде што и освои неколку награди за најдобар поетски кусометражен филм и најдобар апстрактен филм.

Зоран Попоски магистрирал уметност во нови медиуми во Австрија и САД, а докторирал студии на културата во Скопје. Попоски има реализирано над 100 меѓународни изложби и е добитник на повеќе меѓународни награди за уметност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.