Културните остатоци на вредниот археолошки локалитетот Кукул – Баба кај Прилеп се изложени на интензивна ерозија и трајно губење, објави Сител телевизија.

Локалитетот е изложен на опасност од пожари, а огромна закана за него се и дивите ископувања кои секоја година се се побројни. Со ова трајно се губи нашето културно и историско наследство. Токму затоа потребни се интензивни истражувања, аргументирана евалуација на пронајдоците и соодветна валоризација. Од Институтот за старословеска култура кои лани истражуваа тука велат дека со ова ќе се заштити самиот локалитет.

Со самата валоризација и подигнувањето на нивото на заштита на овој локалитет од страна на надлежните институции врз основа на информациите од археолошките истражувања, како и преку серија од промотивни активности, на некој начин ќе го подигнеме нивото на свест кај пошироката јавност за неговото значење, истакна д-р Христијан Талевски, научен соработник во ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп.

Со истражувањата лани се пронајдени движни остатоци од енеолитот, бронзеното време и хеленистичкиот период, како и архитектонски остатоци од најмалку три населби датирани хеленистичкиот и римскиот период. Се утврди дека хеленистичката населбата се протегала на многу поголема површина отколку што претходно се претпоставуваше. Првата од населбите датирани во римскиот период пак била подигната најрано во 4 век, а втората не долго пред средината од 6 век. Исто така се направи виртуелната тура за овој локалитет.

Преку виртуелната тура, со голем број на информации достапни во една пријателска средина се обидовме да го доближиме самиот локалитет и културните остатоци пронајдени таму до пошироката јавност, додаде Талевски.

Годинава археолошките истражувања нема да бидат финансирани од Министерството за култура, но Институтот ќе се обиде да обезбеди средства од други извори.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.