Од утре, 25 јануари, од 20 часот во Културно-информативниот центар-Скопје љубителите на визуелните уметности ќе имаат можност да ја проследат самостојната изложба на Анита Огњановска насловена „Без ограничувања“.

Шеесет и едно дело, масло и акрил на платно, кои ќе бидат изложени во изложбениот салон Империјал 1 и 2, се насликани во периодот од 2020 до 2022 година и го прикажуваат патот на еден автор во откривањето на сопствениот свет и пронаоѓањето на својот личен ликовен израз.

Изложбата ќе остане во КИЦ-Скопје сѐ до 10 февруари и ќе биде отворена секој работен ден од 10 до 20 часот и сабота од 10 до 14 часот.

Водена од страста кон уметноста, сликам спонтано, емоциите ме носат и никогаш не знам каде ќе ме одведат. Едноставно четката ги испишува мислите, чувствата, спомените, копнежите… Тоа е мојот спонтан, но, всушност, длабоко интимен свет. Некогаш сликам како што се чувствувам, некогаш како што сакам да се чувствувам…

Сликањето ме радува затоа што е непресушен извор на магија во која се будат сетилата, се надминува реалноста, се остваруваат фантазиите, се отвора патот од невозможното кон возможното. Тоа е мојот простор каде што нема никави ограничувања. Платното е нежна обоеност на душата со сите бои на светот, апстракција на она што било, е, и ќе биде, тука и некаде, вели авторката.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.