Младешки дух, висок ентузијазам и професионалност го красеше синоќешниот концерт што го одржа камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски-Ѓумар“ изведувајќи класична музика за публиката на фестивалот „Охридско лето“.

Младите уметници приредија прекрасна вечер под диригентската палка на маестро Борјан Цанев, еден од најпрефинетите музичари на македонската сцена.

Годинава, Музичката младина со својот камерен оркестар настапува по 36-ти пат во рамките на „Охридско лето“.

Ова 36-ти пат како Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија настапува на фестивалот „Охридско лето“. Станува збор за единствена програма којашто провејува сите овие години откако постои оркестарот што е една традиција за почитување. Се разбира, огромна почит и за фестивалот, кој со ова покажува дека се грижи секоја година да ги претстави младите. Секако, еден дел од составот на оркестарот, на година-две се менува како што завршуваат студиите младите музичари кои учествуваат во овој оркестар, рече претседателот на Музичката младина на Македонија, Александар Герасимовски.

Младите уметници од овој состав изведоа дела од Бах, Моцарт, Елгар, Спировски, Масне и Ворлок.

Програмата беше избрана внимателно и одговара за возраста на овој оркестар бидејќи годинава веќе оркестарот е доста подмладен и на половината од нив им е првпат да настапуваат во камерен оркестар меѓутоа се покажаа дека се навистина подготвени, дека имаат капацитет и дека имаме иднина во младите музичари, додаде Герасимовски.

Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои 35 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година. Повеќе од 400 млади музичари биле дел од овој уникатен состав, а диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле: Ф. Муратовски, Г. Коруновски, С. Николовски-Ѓумар, В. Николовски-Ѓумар, М. Спасов, Б. Цанев, А. Ремерајт, Б. Чадловска, О. Кондратенко, Миша Кац, Џанлука Мартиненги, Елена Митревска.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.