Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска уверува дека со ребалансот кој беше изгласан минатата недела во Собранието иако буџетот на Министерството за култура е скратен за 34,6 проценти, тоа нема да ги загрози тековните капитални проекти, ниту пак независната уметничка сцена. Кратењата, според министерката се во програмскиот дел, онаму каде било возможно, одржливо и безболно.
Најголем дел од кратењата претрпе програмскиот дел, се направија дополнителни кратења од буџетот на самото Министерство за култура, а тоа беа средства кои беа предвидени за набавка на нова ИТ опрема во Министерството за култура, наградата за вработените во Министерството за култура која следува и која постои во Министерството, а не во другите институции за да може да ги одржиме оние проекти и оние корисници на кои единствена заработка им е токму преку Министерството, а тоа е независната сцена и други корисници, рече Костадиновска Стојчевска.
Таа соопшти дека Министерството е во комуникација со другите институции од културата и од нив побарале да покажат едно ниво на солидарност и да дозволат да биде скратен дел од нивната програма, бидејќи, како што рече, овие кратења се прават за да се одржат платите на вработените во институциите за култура.
Вработените во институциите се на ниво на јавна администрација и допрва нивното покачување на платите треба да се регулира. И втор момент зошто ова кратење на буџетот се прави во Министерството за култура е заради зголемените трошоци за електрична енергија кои Министерстовото ги плаќа во име на институциите од култура, нагласи Костадиновска Стојчевска.
Според неа, капиталните инвестиции ќе претрпат најмалку кратење односно најмала пренамена на средства од капитални инвестиции за плати или за електрична енергија, зошто од Култура сметаат дека ако се прекратат капиталните инвестиции или ако застане изградба на објектите ќе ја загрози економијата која и онака бавно се придвижува поради пандемијата.
За да имаме активна културна сцена треба да имаме институции кои тоа ќе го пружат, бидејќи и другите корисници своите проекти најчесто ги остваруваат во институции од култура. Не секогаш но најчесто и тоа е еден круг каде се вратат тие пари кои се доделуваат од Министерството за култура и затоа не застануваме да инвестираме во објекти, подобрување на објекти и изградба на нови објекти од културата.
Добра вест од културната соработка со соседна Албанија е што се заокружи процесот на реституција на украдените 25 икони од државава кои беа откриени на албанска територија, а веќе се пронајдени и нови 45 украдени икони чија идентификација е во тек.
Сега се откриени нови 45 украдени икони, а веќе 23 или 24 се идентификувани дека се наши. Идентификацијата ја врши тим од Министерството за култура и од Управата за заштита на културно наследство кои се веќе испратени на терен и кои веќе работат на идентификување на иконите, рече министерката.
Според неа потребни се посилни законски решенија за заштита на културното богатство во што Министерството ќе добие помош од Американската амбасада, помош која таа ја договорила во САД на средба со Коалицијата за заштита од кражба на артефакти. Свој удел во откривањето и истрагите треба да има и МВР, посебно кадрите од Факултетот за безбедност кои се обучуваат за оваа проблематика.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.