Вонвременскиот Шекспир и неговиот „Крал Лир“ повторно на програмата на „Охридско лето“, но, овојпат во продукција специјално изготвена за пребирливата фестивалска публика и наменски осмислена за да се игра во неповторливиот амбиент на Предворјето на „Света Софија“.

Во рамки на Американската вечер на „Охридско лето“, вечерва сцената на Предворјето на „Света Софија“ актерската екипа на „Lit Moon Theatre Company“ театарот од Санта Барбара, САД, ќе ја игра светската премиера на претставата „Кралот Лир“.

Како што беше истакнато на денешната прес-конференција, Шекспир е поставуван од неброени театарски компании, со илјадници верзии, но, неговите дела секогаш се актуелни, му пркосат на времето со своите пораки, идеи, толкувања на човечката природа…

Режисерот Џон Блондел по петти пат е на „Охридско лето“, но, овојпат со светска премиера и меѓународна актерска екипа составена од уметници од Финска, Велика Британија, Ерменија, САД, Македонија…

– Величината на текстовите на Шекспир се гледа во нивната еластичност, флексибилност…Ние ја скусивме претставата на 90 минути, но, ништо не се изгуби од темите и прашањата во текстот што се однесуваат на човековата психа, тие транцендираат на секоја култура. Прашањето на слепилото при вид, на лојалноста, последиците на стареењето, лошите избори во животот се секогаш актуелни. Посебноста на нашата постаква е токму во тоа што ние сме интернационална екипа, а самата претстава ја подготвувавме токму за Охрид. Таа е во својата основа креирана за „Света Софија“, рече режисерот Блондел.

Главната улога во претставата ја толкува Ирвин Апел, од своја страна посочи дека токму прашањето на слепилото при вид е нишката низ која се провлекува целиот текст во претставата.

– Целата претстава е исполенета со референци за слепилото, не физичкото туку внатрешното слепило… трагедијата да се биде слеп при очи, рече тој.

Апел рече дека по синоќешната проба на самата сцена каде е се игра претставата отворила многу размислувања кај него…

– По синоќешната  проба во „Света Софија“, таа црква сега е нераскинлив дел од она што го работиме. Мојот карактер во претставата честопати му се обраќа на Бога и на природата. Вчера многу анализирав, каде се наоѓам, од каде им се обраќам на боговите, рече тој.

Нина Салинен која ја игра улогата на најмладата ќерка на Лир истакна дека нејзината посебност произлегува од тоа што Корделија е единствениот лик што во претставата простува, што носи искреност…

– Тоа што две седмици интензивно работевме во изолација, без многу контакти со надворешниот свет, за нас претставува своевидна медитација преку која можевме подлабоко да навлеземе во сржта на самата претстава…Ваквиот начин на подготовка секако ќе има ефект врз нас на ниво на потсвест. Тешко е да се анализира додека се работи на подготовки, секако очекуваме рработите да се искристализираат откако ќе излеземе на сцената, рече таа.

Сценографијата и косимографијата е на нашиот Благој Мицевски, кој изработи доста впечатливи костими специјално за вечерашната премиера и сцената на Предворјето на „Света Софија“.

– Сум работел многупати во „Света Софија“, позадината на црквата е идеална сценографија за костимите што ги изработив, тие само ги надополнуват карактерите во претставата и односите меѓу нив, истакна Мицевски.

Улогите во претставата ги толкуваат Ирвин Апел, Брајан Харвел, Џејмс Мек Картим, Нина Салинен, Мајкл Бернард, Метју Тавианини, Вардан Мкрчјан, Мичел Томас и Даен Хенри.

Почетокот е во стандардниот фестивалски термин од 21 часот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.