Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска беше во работна посета на институциите од областа на културата во Прилеп.

Во Центарот за култура „Марко Цепенков“, Костадиновска-Стојчевска се запозна состојбата и планираните активности на оваа институција, а беше информирана и за текот на работите за изработката на проектно-техничката документација за реконструкција со доградба и надградба на Центарот за култура, со цел обезбедување на простор за потребите на театарот.

Согласно договорот предвидено е истата да биде завршена најдоцна до средината на оваа година, по што ќе следува распишување на тендер за изведувач на градежните работи. За оваа намена, за оваа година од Буџетот на Министерството за култура обезбедени се шест милиони денари, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.

За време на посетата, министерката за култура придружувана од в.д. директорката Јасмина Мицовска-Станковска, ја разгледа и изложбата на маски по повод јубилејното 20-то издание на карневалот „Прочка 2022“.

Министерката за култура го посети и Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј- Прилеп, каде директорот Благој Атанасовски ја запозна со позначајните проекти кои оваа институција од областа на заштитата на културното наследство ќе ги реализира во текот на годинава.

Министерството за култура во рамки на Годишната програма  од буџетот издвои повеќе од 7 милиони денари, за 17 проекти, меѓу кои: прва фаза од проектот за заштита, реконструкција и конзервација на витражи и фасадна  заштита на  куполата на споменикот „Илинден“ во Крушево, изработка на Основен проект за конзервација и реставрација на куќа на ул. „Коча Миленку“ бр. 15. во Крушево, конзервација и реставрација на иконостасот од црквата „Свето Благовештение“, археолошки истражувања на локалитетот Селиште, локалитетот Бедем – Стибера кај село Чепигово и друго.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.