Македонија ќе склучи договор за соработка со САД на полето на заштитата на културното наследство во насока на превенција од нелегална трговија со културни добра“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која е дел од владината делегација за Стратегискиот договор во Вашингтон, по средбата со Дебора Лер, претседавач на бордот на директорите на Коалицијата за антиквитети овластена од Стејт департментот.

Министерката Костадиносвска-Стојчевска и Лер ја поддржаа иницијативата за потпишување билатерален договор за контролиран извоз на археолошки и етнолошки материјали од Македонија во САД.

Од особено значење е соработката со САД што ја започнуваме и верувам дека ќе резултира со бенефит за државата за заштита на нашите културни добра, додаде министерката Костадиновска-Стојчевска.

Дебора Лер, на средбата со министерката Костадиновска-Стојчевска, истакна дека Коалицијата за антиквитети активно работи на оваа тематика повеќе од 10 години и има развиено многу механизми во кои се вклучени и американските безбедносни служби, а со цел да се следат и да се детектираат делата што се увезени нелегално.

Во меѓувреме ќе се одржи работен состанок со асоцијацијата Коалиција за антиквитети и сите нивни придружни органи што се занимаваат со оваа проблематика. Министерството за култура, МВР и Управата за заштита на културното наследство интензивно ќе работат на текстот на договорот со соодветните институции од американска страна.

Тие имаат многу повеќе искуство, за разлика од нас, а ќе соработуваме и со група од невладината организација што се занимава со правни прашања и правни решенија во однос на трговијата со уметнички дела, слики, артефакти, антиквитети, сѐ со цел да ни олесни во креирањето нови законски решенија, додава министерката.

На средбата, Костадиновска-Стојчевска изрази голема бладогарност за поддршката што оваа организација ѝ ја понуди на Македонија за зачувување на македонското културно наследство, а преку механизмите на Стејт департментот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.