Институциите за култура треба да работат според Законот за култура затоа континуирано ќе се вршат инспекциски надзори, ќе се укажува до нив и ако треба ќе се казнува, беше децидна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во вчерашното гостување во Топ тема на Телма телевизија.

 

– Правилник за реаудиција треба да има и не е притисок, туку е потреба што треба секоја културна институција да ја спроведува согласно Законот за култура. Затоа, испративме писмо до пет културни институции како постапка по анонимна дојава и очекуваме да се спроведе реаудицијата. Ние, како министерство обезбедуваме секоја година буџети за плати, комунални трошоци и одржување, а по потреба и капитални инвестиции за културните институции, така што очекуваме и тие да постапуваат по закон, да го спроведуваат колективниот договор и реаудицијата, рече Костадиновска-Стојчевска. 

 

Колективниот договор и Синдикатот ќе бидат испочитувани од Министерството за култура и поддржани и внимателно чуени за нивните барања и предлози.

 

– Колективниот договор нема да го раскинеме, затоа што сте го добиле тоа право после 15 години. За 2023 година, лично како министерка со тимот направивме план да ги избуџетираме платите. Навистина, одбивам перцепцијата во јавноста дека се прави одреден притисок за да се укине колективниот договор ниту пак Синдикатот, истакна министерката.  

 

Таа додаде дека моменталниот закон за култура треба да се промени и да се изгласа соодветен. 

 

– Постоечкиот закон за култура не ја отсликува моменталната состојба во културата. Целта на работната верзија на законот е сите да го видат. Затоа сите кои имаат конкретни забелешки да ги достават но треба да дадат и соодветни решенија за забелешките, додаде министерката. 

 

Костадиновска-Стојчевска во дебата со претставниците на Синдикатот на културните работници ги охрабри и понатаму да останат гласни за нивните права и за културата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.