Министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска смета дека треба да биде отворен македонски културно – информативен центар во Брисел.
Ќе бидам горда доколку во срцето на Европа формираме центар кој ќе ја промовира македонската култура и традиција. На овој начин би ги презентирале македонските вредности токму во градот во кој има бројни меѓународни организации и претставништва, дипломатски мисии, град кој ја симболизира обединета Европа, вели Бисера Костадиновска – Стојчевска која е во дводневна работна посета на Европската комисија.
На агендата на Костадиновска – Стојчевска е и средба со премиерот на Фландрија, Jан Јамбон, кој истовремено е задолжен и за областа култура.
Костадиновска – Стојчевска денеска ќе се сретне со генералната директорка за образование, млади, спорт и култура на Европската комисија, Темис Кристофиду, со која ќе разговара за можностите за интензивирање на соработката во проектите од областа на европските интеграции и ќе ја потенцира воспоставената добра практика на транснационалната културна соработка.
Министерката за култура ќе се сретне и со директорката за меѓународни односи на Палатата за убави уметности, Магдалена Лискова. Со неа ќе дискутира за можноста таму да се организираат македонски културни настани. На средбата ќе присуствува и Жулиет Дуре, директорка за филм со која е предвидено да се разговара за соработката во филмската уметност и за Фестивалот на Југоисточна Европа кој треба да се одржи во јануари 2023 година.
Република Македонија е активна и во рамките на Програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, но и преку активностите во Агендата за Западен Балкан на ЕУ и Инструментот за претпристапна помош на ЕУ каде што има голем број примери на квалитетни проекти на тема културно наследство, особено во ИПА програмите за прекугранична соработка со Албанија во кои сме лидер земја, како и партнер земја на проекти со Бугарија, Грција, Србија, Косово.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.