Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска се обрати на чествувањето на 21 Февруари, Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, од каде што се испраќа единствена порака: „Јазиците се важни!“.
Нашиот мајчин јазик, македонскиот јазик, е реалност во светската ризница на јазици, низ науката, културата и образованието. Заштитен, недопирлив, единствен. Изминатиот период Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ беше наш партнер во изработката на новиот Закон за употребата на македонскиот јазик, кој е траен влог за нашиот идентитет и посебност. Со ова покажавме и дека научните работници, со поддршка од институциите, се вистинскиот и најсилниот бедем во заштитата на нашата култура и историјата на нашиот јазик – рече министерката за култура.
Костадиновска-Стојчевска дополни дека Министерството за култура, преку Годишните конкурси за поддршка на проекти од национален интерес и преку другите механизми, секогаш е партнер и поддржувач на процесите на зачувување и промовирање на мајчиниот јазик, не само на македонскиот туку и на сите јазици што се говорат во нашето општество.
Горди сме на политиките што ја градат Македонија како граѓанска држава, но и на промоцијата на мултикултурализмот, како европска вредност, никогаш не треба да биде оспорувана од никого и мора да ја негуваме и постојано да ја развиваме – нагласи министерката за култура.
Таа додаде дека македонската научна, образовна и културна средина поседува врвни научници, учители, истражувачи, професори, автори, писатели, медиумски работници и поединци, кои во изминатите децении дадоа значаен придонес за заштитата на македонскиот јазик, на неговата богата лексика, синтакса и на неговата посебност.
Честитајќи го Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, Костадиновска-Стојчевска додаде дека е наша обврската правилно да го користиме и да го унапредуваме мајчиниот јазик, но и да ги цениме и да ги почитуваме јазиците на нашите сограѓани.
На свеченоста, на која настапија и ученици со изведба на творби на македонски, српски, албански, ромски, босански, турски и на знаковен јазик, се обратија и директорката на Институтот, професор д-р Елена Јованова-Грујовска, и професор д-р Борче Арсов.
Генералната конференција на УНЕСКО на своето 30. заседание во 1999 година, на предлог од Бангладеш, го прогласи 21 февруари за Ден на лингвистичка и културна разновидност и мултилингвизам. Промоцијата на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик и усвојувањето на Декларацијата за културна различност беа во 2000 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.