Додека го славиме Месецот на франкофонијата тука во Македонија, ја препознаваме важноста од промовирање на францускиот јазик и култура, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на отворањето на новите простории на Центарот за француски јазик Француската алијанса – Тетово, во Центарот за култура.

Францускиот јазик го зборуваат над 300 милиони луѓе ширум светот, што го прави важна алатка за комуникација и културна размена. Во Северна Македонија, ’Француската алијанса’ континуирано е составен дел од оваа иницијатива, која неуморно работи на обезбедување можности на заедницата да учи и да се вклучи активно во француската култура, додаде таа.

Министерката посочи дека овој нов простор ќе им овозможи на тетовчани да ги прошират своите активности и да обезбеди уште повеќе можности за да ја научат и доживеат вистински француската култура.

Ќе ве потсетам на францускиот писател Виктор Иго кој рекол, „La langue française est une fenêtre ouverte sur une vision différente du monde“ – „Францускиот јазик е отворен прозорец кон различен поглед на светот“. Затоа Француската алијанса игра важна улога во промовирањето на културната размена и разбирање, што претставува вистински предизвик во денешното глобално општество. Францускиот јазик има богата историја, а неговото учење може да отвори нови можности за личен и професионален раст и развој на секој поединец. Како ‘Француската алијанса’ – Тетово сте витален дел од промовирањето на оваа културна размена овде во Македонија и ви посакувам успех во вашите идни напори, заклучи Костадиновска-Стојчевска.

 

Француската алијанса“  – Тетово, беше промовирана со францускиот амбасадор  Сирил Бомгартнер и при тоа беше истакнато дека таа има клучна мисија и визија на промовирање на францускиот јазик и култура со верба дека овој нов простор ќе овозможи дополнително да се зајакнат врските помеѓу двете земји. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.