Во однос на важните инвестиции во културата, министерката Костадиновска-Стојчевска, во рамки на годишната конференција „Година на европски можности”, го посочи покачувањето на платите на вработените во секторот од 43 проценти како една од главните придобивки во културата изминатите години. Таа истакна дека последните две години се вложени 900 милиони денари за санација, реконструкција и продолжување на градбата на постојните објекти од областа на културата.

„Капиталните дотации за ЕЛС се ставка која се актуелизираше минатата година и која досега не изнесувала повеќе од еден милион денари. Она што е значајно е фактот што минатата година за капитални дотации беа издвоени 40 милиони денари. Инвестиравме во општините Кратово, Валандово, Кривогаштани, во Делчево, општини во кои како што кажаа и самите градоначалници никогаш досега немало капитални дотации. Оваа 2024 година оваа ставка изнесува 50 милиони денари и целта е секоја наредна година таа сума да изнесува што е можно повеќе“, потенцираше Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура ги издвои и инвестициите од 120 милиони денари за реновирање на Универзалната сала, 32,8 милиони денари за целосна обнова на старото училиште во Љубојно, финализирање на реставрацијата на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново како и други проекти.

Професорката од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Весна Костовска пред претстојната собраниска седница на која треба да се гласа новиот Закон за употреба на македонскиот јазик истакна: „Со овој предлог се прошируваат областите каде што употребата на македонскиот јазик ќе биде задолжителна, ќе има задолжително вработување на лектори што ќе значи и задолжително лекторирање на текстовите. Се предвидува стипендирање на учениците на сите нивоа на образование што ќе биде мотив за зголемување на интересот за студирање на македонскиот јазик“.

Директорот на Управата за заштита на културното наследство, Зоран Павлов говореше за напредокот во заштитата на Охридскиот Регион и унапредувањето на правните механизми за ефикасно спроведување на препораките од УНЕСКО. Во однос на заштитата на културното наследство Павлов истакна дека во новиот закон и Национална стратегија за заштита и користење на културното наследство посебен акцент се става на одржливиот раст на културното наследство во насока на негова трајна заштита.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.