Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска се обрати на прес-конференција по повод претстојното издание на традиционалната манифестација „Вевчански карневал 2024“, која од 12 до 14 јануари ќе се одржи во Вевчани.
Костадиновска-Стојчевска информираше дека Министерството за култура го препознава значењето на Карневалот како нематеријално културно богатство и достојно во континуитет вложува во неговиот развој.
Пред неколку денови со градоначалникот на Општина Вевчани, Кочовски, склучивме Договор за финансирање на Вевчанскиот карневал во вредност од 1,8 милиони денери. Седумдесет отсто од сумата Министерството за култура веќе ја префрли на сметката на Општината пред почетокот на Карневалот, со цел негова ефикасна реализација. Ја препознаваме вредноста на Карневалот, неговата автентичност како чувар на македонската традиција, култура и историја и како еден од најголемите наши амбасадори во светот, рече министерката за култура.
На прес-конференцијата се обратија и градоначалникот на Општина Вевчани, Спасе Кочовски, и промоторот на манифестацијата, познатиот шоумен Игор Џамбазаов, кои рекоа дека Вевчанскиот карневал е гордост за Вевчани, но и за целата држава.
Само вака можеме да покажеме дека заедно се грижиме за културното наследство, дека продолжуваме да ги негуваме обичаите што ги претставува Вевчанскиот карневал затоа што со поддршка на Карневалот, кој претставува културна туристичка атракција од овој регион, го поддржуваме иновативниот дух на Вевчани. Морам да кажам дека едвај го чекам и почетокот на самиот Карневал и во исчекување на тоа ново издание на репертоарот од маски, на зетот и невестата, музичарите, ѓаволите, на глупиот Август, како и на новите сатирични коментари кои се здрав коректив на општеството, посочи министерката.
И годинава манифестацијата ќе биде придружена со богата музичка програма, која почнува на 12 јануари вечерта, а ќе настапат: диџеј Ампов, Јанг Деди, како и Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд, а концерт ќе одржи и популарната група „Нокаут“. Вечерта на 13 јануари е резервирана за народна музика, а на сцената ќе настапат „Акустик бенд“, Наум Петрески и Оркестарот на тапани и зурли од Вевчани и на крајот Перо Волк и Коки Биоритам. Карневалот завршува на 14 јануари со василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.