Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во рамките на работната посета на Стразбур присуствуваше и се обрати на 7. пленарен состанок на Управниот комитет за антидискриминација, диверзитет и инклузија.
Во своето обраќање, Костадиновска-Стојчевска рече дека навистина е чудно како човечката омраза најбргу расте кон оние што не ги познава доволно или кон оние што го немаат имиџот на своја, силна држава. Или кон оние што се незаштитени и кон кои насилниците можат без последици да се однесуваат со омаловажување и дискриминација.
Костадиновска-Стојчевска рече дека Македонија, иако по територија е мала држава, е дом на многубројни етнички заедници.
Ромите се народ кој е признат и впишан во македонскиот Устав, имаат своја општина, свој градоначалник, своја локална самоуправа, единствена во Европа. Но, не значи дека предрасудите автоматски исчезнаа. Долготрајни беа напорите и на институциите, но уште повеќе на невладиниот сектор, најнапред да се направи разлика меѓу циган и Ром, да се разбере дека првиот збор има навредлива симболика, а дека вториот е точниот збор. Ром како народ, рече министерката за култура.
Таа додаде дека високо ценејќи ја културата на Ромите и нејзината посебност како нивно нераскинливо идентитетско обележје, Министерството за култура, и покрај неколку слабости што ги акцентираше во Националниот акциски план за културата, е силен сојузник и поддржувач на реализацијата на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022 – 2030.
Во Стратегијата, како наш долг кон уникатната ромска култура, се обврзавме на нејзино институционално зачувување, развој и промоција. Тоа го правиме и убедена сум дека ќе биде направено и порано од крајниот рок што си го зададовме. Впрочем, Ромите се нераскинлив дел од нашата заедничка култура. И колку повеќе ја осознаваме нивната култура, толку повеќе ги разбираме убавината и корисноста на различностите“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа потсети дека и оваа година, преку Годишната програма за поддршка на проекти од национален интерес во културата, Министерството за култура поддржа многубројни проекти на ромски автори, манифестации и фестивали во издавачката, фолклорната, драмската и меѓународната дејност.
Преку програмата Креативна Европа, продолжи да функционира еден извонреден проект за бесплатно музичко образование за сите талентирани деца и млади кои не можат финансиски да си го овозможат ниту тоа образование, а уште помалку да купат инструмент. Невладината ’Рома рок скул‘ во изминатите години создаде многубројни бендови со членови од сите етнички заедници, кои на рок-музиката ѝ додадоа уникатен шарм вметнувајќи делови од ромскиот мелос. Овој проект е поддржан и од Министерството за култура“, информираше Костадиновска-Стојчевска.
Таа истакна дека: „Културата не е семоќна, но е силна порака“, и затоа треба преку националните културни вредности да ја збогатиме колоритноста на идентитетската карта на Европа и со меѓусебно почитување да создадеме заеднички културен простор, удобен за сите.
Според министерката за култура, во Стразбур, каде што е седиштето на Чуварот на човековите права – Советот на Европа, и денес голем е бројот на претставки за непочитување на основното право – да се нарекувме онака како што чувствуваме.
За жал, слобода, демократија, човекови права и владеење на правото – зарем тоа не се вредности што сите ги заслужуваме и еднакво треба да ги уживаме. Зарем европскиот културен идентитет е целосен и реален без прифаќање на нашата разноликост. Ќе можеме ли да се справиме со негативната страна на вештачката интелигенција, а сè уште водиме битка со дискриминацијата, ксенофобијата, нетолеранцијата, говорот на омраза, трговијата со луѓе, насилството врз жените и врз децата, фемицид, криминал и корупција, интернет-криминал…“, потенцираше министерката за култура.
На крајот од своето обраќање, Костадиновска-Сојчевска изрази надеж и уверување дека најмладите генерации, кои сега растат во еден поинаков свет, ќе живеат во свет без предрасуди, без расизам и без дискриминација.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на 7-от пленарен состанок на Управниот комитет за анти-дискриминација, диверзитет и инклузија денеска во Стразбур се обрати и од името на министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и Владата на Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.