Јас моето ветување кон јавноста, а пред се кон вработените кон Филхармонија го исполнив и со оглед на обемноста на документацијата и запазување на сите неопходни процедури, ова ветување го доржив во реално најкус можен временски период. Ветив и ветувањето го исполнив. Чесен епилог на сево ова е извинувања кон јавноста и публиката од директорката и управниот одбор кои свесно манипулираа со врвни музичари, но и со авторитети од светот на културата, убедувајќи ги дека јас и оваа Влада сакаме да ја земеме зградата на Филхармонија и воедно свесно ги изложија на критики од јавноста како нетрпеливи и безобзирни домаќини, изјави министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска на денешната прес-конфренција.
Новоформираната Национална установа Џез оркестар, со одлука на Владата, ќе има нова трајна адреса, под Националната опера и балет, информираше на денешната прес-конференција Костадиновска Стојчевска.
Костадиновска – Стојчевска рече дека верува оти вработените во Филхармонија ќе си останат на зборот дека нивните колеги од Џез оркестарот ќе можат да ги одржат своите генерални проби и концерти во зградата на Филхармонија.
Ги повикувам сите вработени во Филхармонија да ги запрат протестите и да се вратат во нормалниот ритам на работа, да се посветат на творештвото и да дадат придонес во нормализација на односите. Тоа сите и го должиме на публиката. Да го дочекаме големиот Мехта достоинствено. Ова е крај на манипулативните и непотребно создадени тензии меѓу колеги музичари. Не сакам да навлегувам во тоа кому и зошто му беа потребни, но тие тензии се создадени и прават штета. Сите имаме одговорност да создаваме решенија. А тие што одбиваат да градат мир, чесно е да се повлечат, додаде Костадиновска Стојчевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.