Во рамките на музичката програма на фестивалот Скопско лето 2023, на 7 јули 2023 година, во 20.30 часот, во фоајето на Националната опера и Балет, ќе настапат пијанистот Уве Матшке и виолинистката Данае Папаматеу-Матшке од Грција со изведба на неколку прекрасни дела на класична музика за виолина и пијано од истакнати грчки композитори.
Обожавателите на класичната музика ќе имаат исклучителна можност првпат во Скопје да ги проследат делата „Шепот на ветрот“ од Димитрис Терзакис, „Мала суита од популарни грчки мелодии од Додеканезите“ од Јанис Констадинидис и сонатите за виолина и пијано од Борис Папандопуло и францускиот композитор Сезар Франк во изведба на двајцата виртуози на пијано и виолина.
Гостувањето на уметниците од Грција е во организација на Канцеларијата за јавна дипломатија на Амбасадата на Република Грција во Скопје, во соработка со фестивалот Скопско лето 2023. Компанијата „Окта“ АД Скопје како верен партнер на културни настани е главен спонзор на овој концерт.
Пијанистот Уве Матшке (Uwe Matschke) е роден во Германија, а студирал на музичката школа „Франц Лист“ во Вајмар и на Академијата „Франц Лист“ во Будимпешта. Од 1987 година живее и работи во Грција, каде што е професор по пијано на Катедрата за музичка наука и уметност на Универзитетот во Солун, а член е и на солунскиот Државниот симфониски оркестар. Има одржано многубројни солистички концерти во Москва, Минхен, Хамбург, Порто, Лајпциг и во Дрезден, а настапувал со симфониски оркестри од многу европски земји и со познати во светот камерни оркестри, како што се квартетот „Гевандаус“ од Лапциг, квартетот „Лајпцигер Штрајх“ и Гудачкиот квинтет од Дрезден. Неговиот вешт начин на интерпретација, кој се одликува со голема чувствителност, континуирано наидува на признание од музичките критичари.
Виолинистката Данае Папаматеу-Матшке (Danae Papamattheou Matschke) е една од најперспективните грчки виолинистки од помладата генерација. Родена е во Атина, а студирала на Универзитетот „Моцартеум“ во Салцбург и на Универзитетот во Хамбург. Има одржано рецитали во Германија, Кина, САД, Италија, Швајцарија, Австрија, Словенија, Шведска, Естонија, Финска, Кипар, Велика Британија, а има многубројни настапи со симфониски и камерни оркестри од Грција и Германија. Носител е на први награди и специјални признанија за најдобра интерпретација на разни државни и меѓународни натпревари. Докторирала на Универзитетот во Солун. Данае Папаматеу-Митшке настапува со виолина создадена од Карло Фердинандо Ландолфи во Милано во 1760 година.
Влезници за концертот можете да најдете на платформа karti.com.mk и во билетарницата на Националната опера и Балет по цена од 200 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.