Во Филхармонија вечерва ќе се одржи концерт насловен „Бесмртност“, на кој ќе прозвучат дела од класичните мајстори Маскањи, Моцарт, Бетовен, Мусоргски, Штраус, Барток, Вагнер, овековечени во филмските ремек-дела на браќата Коен, Скорцезе, Форман, Кјубрик, Аронофски, Копола. Диригент е местро Вања Ѓумар Николовски.

Како што соопштија од Филхармонија, концертот претставува возбудлива музичка одисеја во која класиката создава паралелна приказна на големото филмско платно.

Вања Ѓумар Николовски се школува во Скопје, каде што на Факултетот за музичка уметност во 1992 година дипломира на Одделот за диригирање, а во 1993 година на Одделот за композиција. Во 1995 и 1996 година специјализира диригирање во Санкт Петербург, на конзерваториумот „Николај Римски Корсаков“, во класите на Илија Мусин и Михаил Кукушкин. Во почетокот на овој век се преселува во САД каде што ја продолжува својата диригентска, педагошка и композиторска дејност.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.