По повод државниот празник „11 октомври – Денот на македонското востание“, реномираниот хор „Менада“ од Тетово ќе настапи во ерменската катедрала „Сурп Асдваѕаѕин“ во Бејоглу, Истанбул, како дел од годишната програма на Македонскиот културен центар, во соработка со Асоцијацијата на Истанбулската филхармонија.

Настанот ќе и понуди на истанбулската публика ретка можност да ја доживее уметноста на овој традиционален македонски ансамбл.

Основана во 1981 година од маестро проф. д-р Ивица Зориќ, кој продолжува да го води хорот до денес, Менада изгради истакната репутација на меѓународната сцена. Познати како „Светски македонски хорски музички амбасадори“, хорот се состои од талентирани женски гласови кои изведуваат обемен и разновиден репертоар. Со повеќе од 500 дела кои опфаќаат ренесансни, класични и современи композиции, како и изведби на македонски музички фолклор, духовни дела и евергрин композиции, Менада прерасна во симбол на богатата хорска традиција на Македонија, се посочува за хорот.

Во текот на својата историја, хорот има добиено бројни престижни награди и признанија на домашни и меѓународни фестивали, натпревари и концертни турнеи.

За настапот во Истанбул, што ќе се одржи утревечер, Менада ќе претстави програма со духовна музика, како и изведба на популарни македонски народни песни, спојувајќи ги светите и традиционалните елементи на начин кој ќе ја отслика богатата културно – музичка ризница на земјава.

Како дел од годишната програма на Македонскиот културен центар во Истанбул, концертот има за цел да ги промовира силните културни врски меѓу Македонија и Турција, обезбедувајќи промоција на македонската уметност и наследство во странство, стои во најавата од Македонскиот културен центар во Истанбул.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.