Камерниот ансамбл на Филхармонија – „Алтус“ в понеделник со почеток во 19 часот ќе одржи концерт под диргентската палка на маестро Паскал Галоа од Франција. Камерниот ансамбл „Алтус“ во состав Катарина Павлович – виолина, Гонца Богоромова Краповски – сопран, Елена Стојческа – флејта, Игор Иванов – кларинет, Паскал Краповски – виолончело, Маријана Николовска – пијано и Антоние Весковски – вибрафон ќе изведе дела од А.Р. Томас, Ј. М. Стауд, П. Булез и дело на македонскиот композитор Панде Шахов.
Како уметник со многу таленти и мајстор на фагот, еден од најенигматичните дувачки инструменти, Паскал Галоа е солист, оркестарски музичар и професор кој остава печат и со својата работа како диригент. Неговата прва изведба на „Секвенца 7“ од Берио беше исклучително важен настан за неговата кариера, исто како и неговата изведба на „Дијалог на сенките“ од Пјер Булез и „Псалми“ на Волфганг Рим за кларинет и оркестар. Галоа ги организира и т.н. Музички моменти заедно со своите пријатели, како за 85. роденден на Пјер Булез во Музејот на уметноста во Париз, или за 95. роденден на Анри Дутие во хотелот „Де Лаузун“. Тој ги снима и своите современици со исто толку голем ентузијазам, како што Пјер Булез, Лучано Берио и Олга Ноивирт. Неговото мото како уметник е дека музиката како уметност заслужува подобро место во општеството. И токму поради тоа тој го води најголемиот конзерваториум во срцето на Париз. Во 2015 година, тој го формира и фестивалот во Киброн во кој се среќаваат класичната и модерната музика. Диригирањето во моментов е негова централна определба преку која ја искажува својата пасија кон музиката и неговата оригинална перспектива и гледање на современиот и на класичниот репертоар.
Концертот се реализира во соработка со Центарот за едукација и музика – ЦЕМ МКД и Францускиот институт Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.