Шестиот конкурс за наградата „Пегаз“, за најдобар необјавен роман во 2024 година, ќе биде отворен до 1 јули (понеделник). На конкурсот, распишан од издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, можат да конкурираат сите необјавени романи напишани на македонски јазик, наменети за возрасни или за деца. Ракописите треба да ги достават самите автори, на електронската пошта [email protected], како ворд или ПДФ-документ.
Ракописите ќе ги оценува тричлена жири-комисија составена од двајца реномирани културни работници и еден претставник од издавачката куќа, чијшто состав ќе биде објавен дополнително. Наградата „Пегаз“ е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција.
„Пегаз“ е резултат на идејата за откривање на нови писателски гласови што ќе придонесат за унапредување на книжевниот вид роман во рамките на македонската книжевна продукција. Наградата е востановена во 2019 година и е замислена како продолжение на етаблираната награда „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“ за најдобар објавен роман на годината.
Досегашни добитници на наградата „Пегаз“ се романите: „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук (2019), „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски и „Лазарка“ од Љупчо Петрески (2020), „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков (2021), „Зелениот дворец“ од Сибо (2022) и „Риба во(н) мрежа“ од Јована Матевска Атанасова (2023). Книгите се дел од едицијата „Пегаз“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
Годинашното издание на наградата „Пегаз“ е поддржано од Министерството за култура во рамките на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во областа на културата.
Добитникот на наградата ќе биде прогласен на 2 септември 2024 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.