Во Музејот на македонската борба вечерва во 20 часот концерт ќе одржат Васил Атанасов на обоа и Катерина Гелебешева-Костадиновска на пијано. Тие ќе го изведат циклусот „Пиеси на македонски фолклорни теми“ од Атанасов.

Влезот на концертот е слободен.

Васил Атанасов е врвен и познат уметник кој со својата обоа ги пренесува високите уметнички вредности од македонската култура и уметност во Европа и светот. Зад неговиот огромен уметнички влог стои исцрпувачки силна, убедлива и истрајна уметничка работа со најблагородниот предизвик – да се биде врвен уметник, одличен педагог, солист на Македонската филхармонија, основач и уметнички раководител на Камерниот оркестар „Скопски солисти“, Скопскиот дувачки квинтет, Триото Атанасов, Триото Macedonico и други.

Успешната долгогодишна уметничка дејност ширум светот и дома на Атанасов му донесува повеќе значајни признанија и награди за неговата уметност: „Златна лира“ (1990) – признание на Сојузот на музичките уметници на Македонија, Награда „13-ти Ноември“ (1990) – највисоко признание на град Скопје за врвни дострели, наградата „Феникс“ од страна на Општина Центар во 2003 год. за врвни достигнувања во музиката, Плакета од конкурсот Карузо, Италија како член на жири комисија (1998), Годишната награда на градот Струмица „Светите петнаесет Тивериополски свештеномаченици’’ за 2008 година за особени остварувања во областа на музиката, Грамота и златен медал од Министерството за култура на Република Бугарија во 2012 год. за развој, популаризација и соработка на полето на културата, „Златна лира“ за животно дело во 2016 година и многу други.

Во еден мандат беше и директор на Македонската филхармонија со која оствари успешни концерти, премиерни изведби и неколку записи на компакт дискови со светска музика, но и дела на македонските автор: Б.Ивановски, Т. Прокопиев, Г. Смокварски (двоен компакт диск) и неколку турнеи во странство.

Васил Атанасов честопати е член на жири комисии на домашни и меѓународни натпревари во Србија, Бугарија, Хрватска, Ј.Кореја, а неговите ученици и студенти се добитници на голем број наши и меѓународни награди, повеќе од стотина.

Концертната активност на Васил Атанасов е извонредна, како во земјата така и во странство. Настапувал во Италија, Шведска, Франција, Русија, Грција, Германија, Австрија, Португалија, Мексико, Бугарија, Романија, Турција, САД, Австралија, Израел, Северен Кипар, Јужна Кореја, Виетнам, Албанија, Србија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и други.

Неговите извонредни изведби трајно се запишани на една ЛП-плоча, шест солистички компакт дискови и пет со камерна музика, три со камерниот оркестар „Скопски солисти“ и два со Скопскиот дувачки квинтет.

Катерина Гелебешева Костадиновска е уметник со истакнат и индивидуален пијанистички сензибилитет, откриен и едуциран низ класите на професорите: Евушка Елезовиќ-Трпкова и професор Тодор Светиев. Дипломирала на Музичката академија во Загреб, во класата на истакнатиот професор и пијанист Владимир Крпан во 1991 год., а магистрирала во Скопје 1993 год., во класата на професор Борис Романов. Учествувала на семинари раководени од еминентни пијанисти и педагози: Керер, Мураро, Тимакин, Гинзбург, Икуко Ендо.. и бројни натпревари со освоени највисоки награди. Особено почесно место зазема освоената трета награда 24-от натпревар на Млади музички уметници во Загреб, одржан 1990 год., како и спијалното меѓународно признание за изведба на дела од Б. Папандопуло во Грожњан, Хрватска, во 1986.

Нејзината успешна уметничка кариера како пијанист, која ја започнува многу рано, ја одбележуваат бројни настапи, како во нашата земја така и во: Турција, Португалија, Словенија, Хрватска, Италија, Холандија, Франција… проследени со извонреден прием од публиката и музичката критика. Со посебен успех и високи оценки од музичката критика, повеќекратно настапува со: Македонската филхармонија, Камерниот оркестар при МФ, Загребската филхармонија, Симфонискиот оркестар на ХРТВ Загреб.

Покрај нејзината активност на сцената како самостоен солист, учествува и во различни камерни состави. Значајна е нејзината повеќегодишна соработка со обоистот Васил Атанасов, со кого има реализирано многубројни концерти во земјава и надвор од неа и издадено едно ЦД. Особено акцентирана концертна дејност од 2001 год. па сè до денес, остварува со пијано дуото Гелебешеви, кое го формира со нејзиниот сопруг Глигор Гелебешев. Дуото остварува концерти на скоро сите најзначајни фестивали во државата: Охридско лето, Скопско лето, Битолско лето, Интерфест Битола, Златна лира, Денови на македонска музика… Од 2005 година со настапот во Париз, дуото ја започнува и својата меѓународна кариера. Следат настапи во: Италија, Холандија, Романија, Полска, Србија, Словенија, Хрватска, Бугарија, Турција, САД… Во 2012 година, ја добиваат наградата „Златна лира“ врачена од СМУМ. Во текот на својата повеќегодишна работа, дуото Гелебешеви имаат објавено и две аудио изданија.

Денес Катерина Гелебешева Костадиновска работи како редовен професор по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.