Солистички концерт на оргули ќе се одржи вечер од 19:30 часот во католичката катедрала „Пресвето срце Исусово“ во Скопје, во организација на Заедницата на Хрватите во Република Македонија (ЗХРСМ) по повод 30 Мај – Денот на државноста на Република Хрватска.

Солист на концертот ќе биде проф. д-р Марио Пензар, истакнат хрватски оргулист од Музичката академија во Загреб. Во првиот дел од концертот ќе има репертоар од барокот и изведба на дела од Зиполи и Бах, а вториот дел ќе биде посветен на дела од белгискиот композитор Ф. Питерс, еден од најзначајните композитори за оргули во 20 век.

Публиката ќе се запознае со главните дела напишани за оргули во изминатите пет века, со презентација на хрватското музичко наследство, што ја докажува хрватската припадност кон европскиот културен круг и богатото културно наследство кое Хрватска успеа да го зачува и покрај нејзината бурна историја, соопшти ЗХРСМ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.