Вокално-инструментален концерт насловен „Старокласични арии“ ќе се реализира вечерва во 20.30 часот во Музејот на македонската борба во Скопје во рамки на „Скопско лето“.

Ќе настапат Александра Коцевска – мецосопран, Глигор Гелебешев – пијано. Коцевска го започнала музичкото образование во ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј” – Скопје, во класата по соло пеење на проф. Билјана Јовановска-Јакимовска, а дипломира на ФМУ – Скопје во класата на проф. Благојче Николовски.

За време на своите студии учествува на бројни натпревари по соло пеење во Македонија и странство, каде е наградувана со високи награди. По дипломирањето се вработува во ДМУЦ „Сергеј Михајлов” -Штип. Во 2002 година магистрира во класата на проф. Билјана Јовановска-Јакимовска. Додека во 2006 година својата педагошка кариера ја продолжува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј” во Скопје. Како наставник по соло пеење бележи големи успеси со своите ученици на бројни натпревари и кои се школуваат во Австрија, Бугарија, Франција. Како истакнат педагог e често поканувана како член во жири-комисии на меѓународни натпревари. Во 2011 год. добива награда за повеќе годишна успешна работа во областа на уметничката педагогија од Здружение на музички и балетски педагози на Македонија”. Од 2015 година се враќа на концертните подиуми.

Глигор Гелебешев (1969) своето музичко образование го започнува во родната Гевгелија, а основното и средно музичко образование го завршува во Скопје. Студира на Академијата за уметности во Нови Сад во класата на професор Јокут Михаиловиќ, а магистрира во 1997 на ФМУ во Скопје. За време на своето школување, тој е добитник е на бројни награди на домашни и меѓународни натпревари и учесник на голем број концерти, како и мастеркласи на еминентни професори и пијанисти од странство.

По магистрирањето ја започнува својата пијанистичка кариера како солист, но и како камерен музичар, соработувајќи со голем број истакнати музички уметници. Во 2001 година го формира пијано дуото со својата сопруга Катерина Гелебешева Костадиновска, со кое настапува во земјава и странство, имаат издадено две ЦД-а, настап со Филхармонијата, како и остварено голем број трајни снимки за МТВ. Во 2021 година го издава својот прв соло носач на звук со дела на Шопен, Рахмањинов и сопствени дела. Освен на домашна сцена, бележи и настапи во странство.

Како педагог има голем број успеси со свои ученици на домашни и меѓународни натпревари и заради својата успешна работа како професор по пијано, честопати е поканет да биде член во жири, во земјава и странство.

Гелебешев веќе 30 години работи во „Илија Николовски-Луј во Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.