Во сабота, 22 октомври, во Музеј на македонската борба во 20 часот ќе се одржи концерт на пијанистот Арсениј Ангелески, добитник на наградата на СМУМ на натпреварот „Охридски бисери“, во рамки на Фестивалот „Златна лира“.
Фестивалот „Златна лира“ традиционално секоја година својот концертен подиум го отстапува на младите музички надежи кои со својот талент, елен и посветеност кон изучувањето и изведбата на музичката уметност придонесуваат кон неопходниот развој и растеж на музичката сцена во нашата држава. Дополнително, СМУМ преку своите редовни активности уште повеќе ги мотивира и поттикнува младите музичари да работат на надградување на своите знаења и вештини во изведбата на музичката уметност.
Таква е и наградата која СМУМ ја доделува за најдобар музичар во рамките на годишниот натпревар „Охридски бисери“, која годинава му беше доделена на младиот талентиран пијанист, ученик во средното музичко училиште во Битола, Арсениј Ангелески. Оваа вечер, талентираниот млад пијанист ќе изведе рецитал со дела од Бетовен, Шопен, Лист и Скрјабин.
Арсениј Ангелески е роден во 2005 година во Прилеп каде го завршува нижото музичко образование во ООМУ „Ордан Михајлоски – Оцка“ (класа на Христина Никоска – Тасеска). Денес е ученик во трета година во Државното средно музичко училиште во Битола, во класата на проф. Татјана Божиновска.
Во својата досегашна едукација е добитник на повеќе од триесетина специјални и први награди на државни и меѓународни музички натпревари во нашата земја и надвор од нејзините граници (Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Швајцарија, Хрватска). Во 2022 настапи како солист со оркестарот на Државното музичко училиште во Битола, по повод 75 годишнината од формирањето на ДМУ Битола.
Ангелески учествувал на повеќе семинари по пијано кај истакнати пијанисти и педагози, меѓу кои : Ана Гацева, Карл Андреас Коли (Швајцарија), Рустан Рахмедов (Турција), Катарина Крпан (Хрватска), Дино Имери. Во 2015 година учествуваше на летниот музички семинар во Врање, Србија под менторство на проф. Зоран Имшировиќ (Унгарија), Масако Сакаи (Јапонија). Во 2022 учествуваше на семинарот во Грожњан, Хрватска, под раководство на Катарина Крпан (Хрватска), Владимир Крпан (Хрватска), Драгомир Братиќ (Србија) и Даниел Ото (Хрватска).
Влезот на концертот е слободен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.